[Видео] „Сошиен сон“ – приказна за шнајдерки хероини од социјални претпријатија

Ениса Кусовска од Кичево е мајка на три деца. Кусовска е самоук шнајдер. Почнала да купува бурди и да се обучува за шнајдерство. Се снаоѓала и преку видеа на интернет, Инстаграм, Јутјуб. Во целиот процес и помогнала и нејзината фантазија и креативност. Таа верува во својата визија, па оттаму и мотивот да отвори социјално претпријатие и да го следи својот сон.

Ова е една од приказните во краткиот документарен филм „Сошиен сон“, кој претставува две социјални претпријатија од Кичево и Кочани.  „Ромски Изгрев Кичево“ и „Креатив Кочани“ се на различна локација, но со иста амбиција. Краткиот филм пробува да ја поттикне нивната визија, но и упати пораки за еднаквост и исти можности за жените Ромки.

„Предизвикот беше во 5 минути да се пренесе приказната за жени ромки од Кочани и Кичево кој единствено имаат по 2 машини за шиење, сон да шиењето им стане професија и срциња големи ко планина. Јас лично бев изненаден од нивниот ентузијазам, талент и ‘warrior mindset’“, соопштува продуцентот Горазд Кени Китановски, кој за себе вели дека е и поет слемер и преносник на позитивната мисла.

Китановски објаснува дека ова не им е примарна работа на жените. За него, шнајдерките се прави херои и борци. Особено што имаат целосно исполнет ден, а треба да се грижат и за најблиските.

„Стануваат секој ден во 4 часот сабајле, прават јадење за семејството, а потоа одат да работат… Обично се занимаваат со земјоделство. Па, во целиот тој ден, кога ќе најдат време, одат да шијат“, раскажува Китановски за Радио МОФ.

Бидејќи шнајдерките се самоуки, а немаат како да го пласираат нивниот производ,  соединети се преку платформата „Чк Чк“.

„На некој начин, двете претпријатија ќе одат под еден чадор, бидејќи во двете претпријатија работат по три жени. Доколку има пласман – да можат да постигнат заедно да испорачаат на пазарот. До името ‘Чк Чк’ е дојдено преку спојката на Кочани и Кичево, каде има ‘кч’ и ‘кч’ во двата града. Истовремено, машината за шиење прави ‘чк чк’, па така се роди идејата овој бренд’, потенцира Китановски.

Логото на „Чк Чк“ е месечинка, чорапче и игла. Една од жените споделила со нив дека во вечерните часови месечината и била единствената светлина за работа. Во такви услови се учела да шие, од партали.

Китановски вели дека социјалните претпријатија се од огромна важност за одржување на локалниот идентитет и зачувување на емпатијата како основен човечки симбол.

„Поддржувајќи социјално претпријатије вие помагате во развојот на социјално ранливи групи на кој вашето ‘малку’ за нив може да значи ‘цел свет’“, вели тој.

Режисер на филмот „Сошиен сон“ е Исток Чаповски, a камерата е на Борис Ралев.

Проектот е имплементиран од National Roma Centrum, а финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) и We Effect.

Бојан Шашевски