Граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште денеска повторно организираше протест и блокада, со цел да се крене гласот и алармира за аерозагадувањето. Граѓаните нагласија дека Скопје со денови се дави во отрови, но не само од Вардариште – туку и Дрисла се вклучи во ова труење, со што чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ цел град.
„Вакво загадување од масовни размери – досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров“, посочија од иницијативата, чиј протест повторно стартуваше на раскрсницата пред мостот „Близнак“ во општина Аеродром.
Откако се собраа, граѓаните маршираа по булеварите „Србија“ и „Јане Сандански“, се’ до објектот на општината.
Попатно се слушаа извици „Со отров за нас, не барајте глас“, „Досте не’ труете“, „Сакаме воздух“…
Кога толпата стигна пред седиштето на Аеродром, човек на мегафон ги повика граѓаните да ги „поздрават“ општинарите со едно „Уууууу“. Сите возвратија во еден здив.
Мегафонот дојде до локална граѓанка, која рече дека воздухот сите го дишат, а проблемот со загадувањето се случува постојано, не е инцидентен.
„Се бориме за чист воздух, за нас, за нашите родители, за нашите деца, за нашите внуци. Сега кога беше Трубарево, внукот по цел ден беше надвор. Упорно му викам ‘отровно е’, но не разбираат, нивната природа е да играат надвор. Ние мораме да се бориме за воздухот за нашите деца. Да сме живи и здрави. Утре ќе се даваат нашите писмени барања до сите власти. Нема отстапување, ќе се бориме“, рече таа пред oпштината, каде заврши протестот на Стоп за Вардариште.
Иницијативата бара итни мерки за гаснење на активните пожари на депонијата што веќе две децении е официјално затворена, а сепак отворена за влез на отпад и палење.
Понатаму, Стоп за Вардариште бара локацијата да се обезбедува со физичко присуство од МВР или припадници на АРМ, да се постави ограда, но и камери, вклучително термални на повеќе точки кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.
„Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди. Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста. Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад“, се барањата на Стоп за Вардариште.
За иницијативата нема сомнеж – ова не е само еколошко, туку прашање на јавна здравствена безбедност.
„Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Скопје не смее повеќе да тоне во отрови!“, посочија од иницијативата.
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски