[Видео] Рушење на стигмата и декриминализација на сексуалната работа

„Сексуалната работа е работа како и секоја друга. Луѓето често ја мешаат сексуалната работа со наведување на сексуален чин. Ја мешаат со трговија со луѓе, а сексуалната работа е доброволнa од луѓе што избираат што да работат во животот. Со тоа што избрале сексуална работа, воопшто не се помалку вредни од останатите во општеството!“, вели за Радио МОФ Благородна Коцева Симјанов од ХОПС и театарот „Сенки и облаци“, откако започна кампањата за одбележување на 2 јуни, Меѓународниот ден на сексуалните работници.

Кампањата на ХОПС и СТАР, во соработка со „Сенки и облаци“ и „Медуза“, има за цел сексуалните работници, активисти, пријатели и поддржувачи да се обединат и заеднички да делуваат за промена на свеста кај општата популација.

Односно, за рушење на стереотипите поврзани со сексуалната работа, за намалување на стигмата и дискриминацијата кон сексуалните работници, и за подобрување на нивниот статус.

Една од активностите е театарскиот перформанс „Тие сме“. Се работи за видео со сведоштва и разговори со сексуалните работници, за нивната работа и како општеството ги перцепира и реагира на нив.

Исто така, со што се соочуваат и од каде црпат сила.

„Со видеото, кампањата и со целата наша борба, сакаме да доведеме до декриминализација на сексуалната работа. Бидејќи, ако одиме само по патот да дестигматизираме – нема многу далеку да стасаме. Службениците што треба да ги бранат – често ги загрозуваат сексуалните работници. Доколку добиеме закон за декриминализација, правниците би можеле посоодветно да ги заштитуваат. Доколку не добиеме закон за декриминализација, нема да можеме да ја симнеме ниту стигмата“, потенцира Коцева Симјанов.

Од друга страна, вели таа, сакааат да ги сензибилизираат и луѓето дека и сексуалните работници се обични луѓе. Дека имаат свои денови, време, семејства, деца како и секој друг човек.

Од Првиот колектив за сексуални работници на Балканот – СТАР со соопштение велат дека како повод за одбележување на овој Ден претставува акцијата во 1975 година, кога на 2 јуни се собрале околу 100 сексуални работници и ја окупирале црквата Св. Низиер во Лион, Франција. Целта била да го изразат својот гнев за нивните дискриминирани и експлоатирани услови за живеење и работење.

„На 10-ти јуни, во 5 часот, црквата била брутално нападната од полицијата. Оваа нивна протестна акција претставува почеток на меѓународното движење на сексуални работници кои се залагаат за своите права. Оттогаш, секоја година овој ден се одбележува како Меѓународен ден на сексуалните работници во Европа и низ светот“, соопштуваат тие.

СТАР од денес до 9 јуни ја започнува и хуманитарната онлајн аукција „Акција за реакција“ на собрани дела од хумани автори.

Хуманитарна онлајн аукција „Акција за реакција“ за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства

„Собраните средства од хуманитарната аукција ќе бидат наменети за поддршка на сексуалните работници и нивните семејства, најчесто многудетни и на самохрани мајки“, соопштуваат од СТАР.

„Несомнено, неповолното влијание на Корона вирусот (КОВИД-19) пандемијата ја чувствуваме сите, но сакаме да ја потенцираме особено тешката состојба во која се наоѓаат најранливите категории на граѓани и предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат во потрага да обезбедат основни потреби за нормално живеење за своите семејства, како што се храна, лекови, основната грижа за децата и домот“, дополнуваат од СТАР.

Здружениете организации денеска спроведуваат и онлајн подкаст на тема „Живот под маска – сексуалната работа и работничките права“. Во него ќе се говори за родовиот аспект на работничките права во периодот на криза, сексуалната работа и феминизмот и моменталните проблеми со кои се соочуваат сексуалните работници.

Бојан Шашевски