[Видео] Грета Тунберг повикува утре на приклучување на протестната блокада во Дошница

Активистката Грета Тунбенг моментално се наоѓа во Македонија и преку социјалните мрежи упати повик за приклучување на денешната дискусија во СЦ „Дуња“ именувана „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“, а притоа повика и на протестната блокада за спас на реката Дошница.

„Што се случува во Газа не е изолирано од климатската криза. Тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот. Јас сум во Скопје, а вчера македонскиот парламент гласаше против хуманитарна помош за Газа. Мора да застанеме солидарно, да се поврземе и спротиставиме заедно. Ќе се приклучам на дискусијата во ‘Дуња’ и протестната блокада утре во Дошница“, кажа таа во своето видео обраќање на социјалните мрежи.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Гласни идеи (@glasniidei)

 

Инаку, резолуцијата за Газа, вчера ја поддржаа само 16 пратеници. Со неа се бараше Израел да овозможи влез на храна и медицински средства за цивилите во Газа.

Во однос на Дошница, граѓаните-чувари веќе еден месец се здружуваат ги блокираат пристапите до реката на Кожуф, притоа кревајќи го гласот против изградба на хидроцентрали.

„Луѓе од цела Македонија доаѓаат на Кожуф и ја чуваат планината и реката, а во меѓувреме владата го одби амандманот за одвојување средства од буџетот за студија, со која Кожуф ќе се прогласи за национален парк. Го одби амандманот за течението на реката Дошница да се прогласи за заштитено подрачје. Го продолжи рокот за изградба на хидроцентралите на Дошница“, соопшти пред некој ден иницијативата Зелена народна стража.

Истовремено, рекоа оттаму, Владата одбива да го слушне гласното „не“ на народот.

„Ќе ја чуваме Дошница со народна стража додека е потребно! Повлечете ги дозволите, бидејќи хидроцентрали на Дошница нема да има!“, посочија граѓаните.

За утре и задутре (26 и 27 јули) таму се најавени и разни активности за вмрежување, работилници, дискусии.

Бојан Шашевски