Фестивалот „Сепак се врти“ на „Гола планина“ и пријателите вчера го имаше финалето во Скопје, откако годинешниот музички караван помина во Битола, Прилеп, Гостивар, Струмица и Куманово.
Овој пат, на агендата беа седум настапувачи: D.I.K, „Damage Control“, „Ендемски вид“, „Корка“, „Мариналеда“, „Taxi Consilium“ и „(точка) ком“.
Програмата малку доцнеше поради технички причини. Тие технички причини се испостави дека е мрежен кабел, кој сепак беше купен и монтиран.
„Не може да биде се’ совршено. И, не треба да биде. Инаку, како растење. Рокенрол!“, рековме со еден познаник коментирајќи ги случувањата на локацијата, која овојпат беше во круговите до скопскиот мост „Гоце Делчев“, делот под Калето до Спомен куќата на Лазар Личеноски.
View this post on Instagram
Радио МОФ фати само два бендови – „Ендемски вид“ и „Корка“. Но, она што успеавме да снимиме, фотнеме и да осетиме на лице место, е фестивал со рокенрол енергија, со предзнак: заедничарење. Веќе на неколку пати пишувавме дека целта, меѓудругото, е да се прикаже богатото македонско оригинално творештво, особено од новиот бран уметници, а притоа да се пркоси на зачмаеното стоење во место со музика и другарство.
И, притоа, да се покаже дека „еве можеме, ние младите“. Како? „На наш начин“. Без цинизам и стоење на страна, туку со дружење, туркање и самоорганизирање. И на сонце и на дожд.
Ова последново не е пишано за да се разубави текстов, туку навистина се случи на „Сепак се врти“. Сабајлето и пладнето пукаше сонце, ама после 15-16 часот погледите беа вперени кон небото. Не дека е ладен мајскиот дожд, туку знае да врне силно саат-два и да направи утоп. Да прокисне и да растури журка.
Приквечерта тоа и се случи. Истури, па дел од присутните се преместија под мостот „Гоце Делчев“. Не им се одеше дома.
Од тие што што останаа докрај, дознавме дека пабот „Ѕе“ ги отвори вратите за да можат и останатите да засвират. Па, присутните се упатија кон ГТЦ. „(точка) ком“ наместо под отворено небо, свиреа во клупско-пабска атмосфера. Ама, свиреа. Шоуто мора да продолжи!
Сумирано, сонцето и дождот помогнаа на музичкото заедничарење. Помогнаа да се прошири низ Македонија.
„Се собраа луѓе од целата земја. На една гола планина посадија семе. Семето ‘рти. И сепак се врти“
Текст, фото и видео: Бојан Шашевски и Ангела Петкова