Кога дознала дека нејзиниот син Леон има аутизам, Амела веќе имала ќерка со типичен развој. Андреа е родена со деформитет на стопало, кој барал посебен третам. Но нејзината ќерка била со типичен развој, па за многу скоро од раѓањето на Леон забележала дека знаците кои ги покажува не соодветствуваат со развојните постигнувања за негова возраст.
Тогаш почнала да бара решение за неговата состојба преку медицината. Од разговор со лекарите заклучила дека потребно е да преземе одговорност и иницијатива, за Леон од состојба на невербално дете го доведе во состојба на високо функционален аутизам.
Тоа бил еден од мотивите зошто почнала да студира психологија и станала клинички психолог. Освен, на медицината и науката, голем дел од својот труд го вложила и во самата духовност. Почнала потрага по одговори во духовноста и верува дека токму на тој пат, ја нашла силата и мотивацијата како родител да работи со Леон и тој нејзин труд да даде резултати.
Денеска Леон е момче кое е вербално, социјално и весело. Иако првичните огледи на лекарите не биле ни блиску до постигнувањата кои тој ги има денеска, родителскиот труд дал резултати кои никој не ги очекувал.

Амела Мемиш Апостоловска, клинички психолог и родител на дете со Аспаргер
Во однос, на грижата за лицата со аутизам, како родител и психолог – Амела вели дека родителите треба да се вложуваат најмногу. Иако медицината и струката се потребни во давање на насоките за работа со лицата со аутизам, сепак родителот е првата инстанца која треба да го препознае проблемот и да го адресира. Затоа, покрај работа со лицата со аутизам, потребно е да се работи и со самите родители кои се „моторот“ на целиот развој кај децата со аутизам. Како клинички психолог и стручно лица, таа денеска работи исклучиво со родителите.
Сепак, вели дека во нашето општество културната стигма е многу силна. Па голем број од родителите воопшто не зборуваат отворено за нивниот проблем. Од страв од осуда, или затоа што мислат дека на тој начин ќе го заштитат детето од проблем.
„Јас не живеам за тоа што ќе кажат другите, од тоа што ќе кажат другите пола Македонија изумре“, вели Амела.
Таа испрати порака до родителите да се охрабрат и да говорат отворено за својот проблем, затоа што само преку потрагата за решенија, можат да стигнат до истите. Бројот на лица со аутизам е многу поголем одошто се знае конечната бројка, а доколку би имало поголема соработка помеѓу родителите, споделување на совети и искуства полесно ќе се препознае проблемот и ќе се адресира на вистинското место.
Родителите не треба да се оставени „сами на себе“, потребна е помош од струката
Со децата со атипичен развој, најчесто работат специјални едукатори и рехабилитатори. Тие се важни и во самиот образовен и наставен процес.
Специјалниот едукатор и рехабилитатор како личен асистент има значајна улога во процесот на осамостојување и описменување на детето во зависно од неговите способности. СЕР како личен асистент претставува нишка меѓу детето и наставниот материјал. Во образовниот процес тој го насочува и му го олеснува процесот на стекнување на нови знаења со помош на дидактички материјали, средства кои се на ниво на детето за да може да го совлада наставниот материјал, вели специјален едукатор и рехабилитатор Теодора Томовска – Ристовска.

Теодора Томовска – Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор
Специјалниот едукатор и рехабилитатор, треба да е само една алка од целокупната мрежа на комуникација која треба да се одвива со родителите и наставниците во наставниот процес, само така би имало повеќе резултат.
Исто така, личниот асистент е вклучен во постојана комуникација со родителот или наставниците, во правилно препознавање и именување на емоциите на детето со цел регулација на емоционалната состојба и препознавање на нападите и смирување на истиот, истакнува таа.
Атизмот не е состојба која идентично се манифестира кај сите деца, стручната поддршка од социјалните едукатори и рехабилитатори во наставниот процес придонесува за полесно распознавање на капацитетите на детето во поглед на постигнувањето на наставните цели.
Поддршката од страна на личен асистент е потребна, но во одредени ситуации и зависи од капацитетите на детето. Аутизмот е спектар кој се манифестира различно кај секое дете. Кај некои деца отсуството на личен асистент може да доведе до талкање и несовладување на наставниот материјал, поголема потешкотија во когнитивните вештини, фрустрација, анксиозност и потешкотија во социјалните вештини. Личниот асистент му овозможува на детето целосно да биде присутно во училницата, додека пак неговото отсуство прави детето да е само физички присутно, вели Томовска – Ристовска.
Успехот на работата на СЕП како личен асистент во наставниот процес може да е минимална доколку надвор од училницата не се продолжи со развојната поддршка на детето, преку соработка со стручен кадар, родителите и наставниците.
Поддршката и насоката од страна на СЕР кон родителите и наставниците треба да е постојана, но истото така и да е прифатена за да го олесни процесот на детето кон вклучување во друштвениот свет, описменувањето и осамостојувањето на личноста на детето. За да се постигне успех посакуваме да се вклучи цел тим бидејќи работата од страна на асистентот како што е специјалниот едукатор и рехабилитатор е сосема минимална и временски ограничувачка, а затоа родителите како важна алатка од овој процес треба да го надополнуваат со работа, заклучува Томовска – Ристовска.
Државата треба да вложува во поголем број на лични асистенти во наставниот процес
Вкупно 1,346 образовни асистенти (teaching/educational assistants) се ангажирани во основните училишта, поддржувајќи 2,306 ученици со попреченост. Додека во 2025 / 2026 ангажирани се и лични асистенти во средните училишта низ Македонија, нивниот број е 120 наставници на целата територија.
Но со тенденцијата за раст на бројот на лица со аутизам, бројот на наставници засега не ги задоволува целосно капацитетите на образовниот процес, поради што родителите како и здруженијата за поддршка на лица со атипичен развиток често апелираат на зголемување на нивниот број.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов за ©Радио МОФ



