[Видео] Беспрекорниот спој на бугарските гласови и моќниот вокал на Лиза Жерар

Синоќа публиката во Филхармонија сведочеше нереално синхронизирање на акапела пеење, битбокс, моќен вокал и совршено претопена музика. За првпат свој настап имаа хорот „The Mystery Of The Bulgarian Voices“ и Лиза Жерар, во придружба на светскиот шампион во битбокс „Скилер“.

Иако медиумите како главна ѕвезда ја најавуваа Жерар, ѕвездите на вечерта всушност беа мистичните Бугарки кои раскажуваа приказни од нивниот крај преку беспрекорно чистите вокали со фолклорни тонови кои ги негуваат од средината на минатиот век. Нивното пеење ги освојува најголемите музички сцени низ светот, но и награди. Тие се добитнички на престижната Греми награда.

Сепак, публиката чезнееше за Жерар, за гласот познат од „Dead can dance“. Често се „фаќаа“ скришни погледи кон вратата од каде таа требаше да се појави во секој миг. И се појави, за да ја доврши бајколиката музичка приказна.

Жерар пееше на нејзин јазик, или како што во неколку наврати има изјавено – пееше на јазикот на срцето. Иако ова е нов проект за неа, својот настап го заврши со популарниот саундтрак на филмот „Гладијатор“ за кој соработуваше со композиторот Ханс Цимер и беа наградени со „Златен глобус“.

Изненадувачки елемент во целиот настап беше младиот „Скилер“, кој успеа да го спои модерното со фолклорното.

Дел од синоќешната атмосфера може да погледнете во видеата на Радио МОФ.