ДВ:Ветувањата за вработувања на младите ветуваат 50.000 гласови

Поради тајмингот на владините мерки за вработување со кои се таргетира популација од 50.000 лица, младите се во дилема – постои ли апсорпциска моќ за толку вработувања или во прашање е само желба за придобивање гласачи, објави Дојче Веле.

Ако пред неколку месеци 30.000 невработени се јавија на конкурсот за 1.600 работни места во ЈП „Македонски шуми“, денес нова армија од околу 45.000 невработени лица до 29-годишна возраст со уште поголема надеж ја чека својата прва шанса за работа. На сцена се врати таканаречениот „Бранков закон“ за вработување од времето на премиерскиот мандат на Црвенковски, но овој пат со премиерски потпис на Никола Груевски. Иако тој закон и досега беше во употреба во мини – варијанти, овој пат е најблиску до „оригиналот“.

Разликата е во тоа што „Бранковиот закон“ немаше лимит на возраста при вработувањата, а во новата владина мерка има. Таа предвидува фирмите од приватниот сектор, кои ќе вработат млади до 29 години, да не плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување и персонален данок за вработениот во рок од една година, а работодавачот има обврска да го задржи на работа ангажираното лице уште 12 месеци. За да ја користат новата мерка, услов е работодавачите од почетокот на годинава до денот на вработувањето нови лица, да го немаат намалено бројот на вработени. Се проценува дека со оваа мерка фирмите ќе заштедат 37 проценти од бруто-сумата при исплатата на платата на нововработените. Ако работодавачот реши да го отпушти вработениот ќе треба да ги плати придонесите и персоналниот данок.

Според премиерот, од 2006. до 2014. година владините мерки помогнале за намалување на невработеноста од 38 на 28 проценти, односно во тој период се вработиле 108 илјади лица. Според статистиката, во земјата има над 45. 000 невработени до 29 години, од кои 25.000 во Агенцијата за вработување се регистрирани како активни баратели на работа, а другите како пасивни.

Добар потег

Во земја со 28 проценти невработеност, ова секако, е добра вест. Иако сомнеж во нејзината вистинска цел остава фактот дека е објавена во изборен период, никој јавно не се осмелува да го отвори тоа прашање. Сојузот на стопански комори, Стопанската Комора на Македонија, Бизнис-конфедерацијата на Македонија, речиси хорски ја поздравија новата мерка на Владата. Ако таа даде позитивни резултати сметаат дека треба да важи и за невработени граѓани постари од 29 години. Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, не сака да го коментира и изборниот контекст на мерката, туку исклучиво економскиот. Вели дека најдобро е продуктивното отворање работни места, но во меѓувреме се добредојдени и краткорочни мерки.

„Анализата на структурата на сегашните официјално невработени лица покажува дека во Македонија поголем дел од невработените се млади лица до 29-30 години. Таквата состојба е предизвик надлежните институции да преземаат мерки за намалување на невработеноста кај младите, затоа што со тие мерки постепено се решаваат сегашни, но и идни економски, социјални и популациско-миграциски проблеми. Тоа, се разбира, може да се прави на разни начини. Најдобро е со продуктивно отворање нови работни места – преку инвестиции и проекти во слободните и трговско-индустриските развојни зони, со капитални инвестиции, поттикнување на мали и средни претпријатија. Бидејќи ефектуирањето на тие мерки е подолготрајно, а проблемот на невработеноста кај младите е активно присутен, во меѓувреме се добродојдени и други краткорочни, но ефектни мерки за остварување на таа цел. Оваа мерка ќе ја зголеми побарувачката на работна сила од страна на работодавачите, со продолжени ефекти врз нивната ликвидност и рентабилност, поради отсуство на административни трошоци кои вообичаено, влијаат врз големината на нивните влезни производствени трошоци“, вели Неновски.

Според аналитичарите, оваа мерка може да им помогне на оние кои досега работеле „на црно“, бидејќи сега на работодавачите ќе им биде симнат товарот за плаќање придонеси.

„Долго време се разговараше за потребата да се изедначат условите за странските инвеститори и македонските компании, така што ова е еден од чекорите кој ќе придонесе за зголемена конкурентност, за зголемување на вработувањата, за олеснување при вработување на нови работници“, оцени Миле Бошков, Извршен претседател на Бизнис Kонфедерацијата на Македонија.

Предизборна „загриженост“

Сепак, сите не се оптимисти. Партијата за економски промени 21 (ПЕП 21) која внимателно ги следи движењата на пазарот на трудот, смета дека оваа мерка е само „предизборна загриженост“ на власта за младите.

Целиот текст може да го прочитате на Дојче Веле.