Велосипедската трка Гран Фондо на 18 септември ќе се вози низ Скопје

На 18 септември во Скопје ќе се одржи првата Гран Фондо трка во Македонија, со што земјава ќе биде дел од мапата на држави каде се одржуваа оваа атрактивна велосипедска трка.

Од Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ), кои го организираат настанот, станува збор за најатрактивната и најелитната велосипедска трка на светот, во која може да учествуваат професионалци и рекреативци.

„Можеме со задоволство да истакнеме дека освен организацијата на евентот Гран Фондо Скопје 2022, ја добивме организацијата и на европското првенство во Гран Фондо, кое ќе се одржи 2023-та година. Тој настан најверојатно ќе биде одржан во јуни, но ќе почекаме додека да ги утврдиме сите детали. Ова е само уште една потврда за заложбите на Велосипедската федерација на Македонија, за развој и промоција на велосипедизмот“, изјави претседателот на ВФМ, Сашо Димитријоски.

Освен натпреварувачки и рекреативен карактер, овие трки во многу нешта придонесуваат и за развој на туризмот и за збогатувањето на портфолиото на државите и градовите кои се организатори, затоа што предвидуваат учество на голем број натпреварувачи и воедно присуство на огромен број гледачи вљубеници во велосипедизмот, од сите страни на светот.

„Македонија ќе добие одлична шанса за промоција на велосипедизмот со светски популарен настан, кој може да влијае позитивно и на развојот на велосипедизмот и на развојот на туризмот на вашата земја. Ова е еден од првите чекори со кои се обидуваме да ја вметнеме Македонија на светската велосипедска мапа. Имаме одличен соработник во името на Велосипедската Федерација на Македонија“, изјави Енрико Дела Каса, претседателот на Европската Велосипедска Унија.

На Гран Фондо трките може да учествува секој еден поединец, рекреативец или професионалец, кој има велосипед и кој сака да биде дел од овој спектакл. Пријавувањето се врши преку сајтот granfondo.mk, во секцијата „регистрација“.

Натпреварувачите ќе можат да се тркаат во две категории: Гран Фондо трка, 13 круга, во должина од 121 км и Медио Фондо, 7 круга,  во должина од 65 километри.

Од Велосипедската Федерација на Македонија и Гран Фондо ги повикуваат сите искрени љубители на велосипедизмот и на спортот воопшто, да присуствуваат на овој голем настан во улога на натпреварувачи или гледачи.