Велосипедска тура на Осогово за Денот на зелениот појас

Македонско еколошко друштво во соработка со „МТБ Исток“ и СК „Москито“ од Кочани утре на Осогово со велосипедска тура ќе го одбележи Денот на Зелениот појас.

Велосипедската тура е наречена „По патека на Железната завеса“ и ја следи некогашната Железна завеса, низ предел кој е живописен спој на природата и историјата. Напладне се планира и заедничка средба на сите учесници на врвот Сокол, каде сите ќе имаат можност за дружење и споделување идеи и размислувања околу иницијативата за прогласување на Осогово за заштитено подрачје. Турата е само една од низата активности за дополнителна промоција на вредностите на Осогово, кои се од национално и европско значење.

Велосипедистите ќе го започнат искачувањето кон врвот Сокол од локалитетот Ајдучка Чешма во недела во 11 часот. Македонија, како дел од иницијативата „Европски зелен појас“, трета година по ред го одбележува овој значаен ден и ја подигнува свеста на граѓаните за богатите предели коишто се дел од Балканскиот зелен појас. Иницијативата „Европски зелен појас“ се стреми кон зачувување на значајните предели во Европа кои се зачувале благодарение на намаленото движење за време на Студената војна. Еколошката мрежа „Европски зелен појас“ поминува низ 24 европски земји.

Дел од Осоговските Планини во следниот период треба да се прогласат за заштитен предел и со тоа да се зачува биодиверзитетот на ова подрачје, но и да се подобри животот на локалното население, посочуваат од Македонско еколошко друштво МЕД.