Половина од произведената вода од ЈКП „Дервен“ се губи или се краде. Наместо да се реши проблемот, менаџментот избира да ги покачува цените. И покрај тоа велешкото комунално претпријатие се искачува на неславната листа на најголемите загубари меѓу јавните претпријатија во Македонија.
Речиси две децении повеќе од 50 илјади жители во Велес се снабдуваат со чиста вода за пиење од изворите и водите на реката Тополка на која е изградена браната Лисиче.
И покрај тоа што преку самопридонес учествуваа со шест милиони евра во 16-годишната изградба што чинеше над 60 милиони евра, велешани пијат една од најскапите води во Македонија.
За испорака на водата и одржување на системот и на градската чистота, а со самото тоа и за високите сметки, задолжено е Јавното комунално претпријатие (ЈКП) „Дервен“ од Велес, кое никако не успева да ја следи својата визија од своето формирање во 1989 година.
„ЈКП ‘Дервен’ има визија да постигне статус на претпријатие од ранг на модерните европски претпријатија што се занимаваат со комунални дејности. Ова претставува збир од долгорочни определби што опфаќаат: развој на постојните сегменти и воведување нови во извршувањето на основните и на придружните комунални дејности, осовременување на комуникацијата со постојните и потенцијалните корисници, примена на модерните техничко-технолошки достигнувања, едукација и развој на сопствените кадри, како и зацврстување и зајакнување на постојната улога на претпријатие со квалитетен сервис за граѓаните, со желба да се достигне највисок квалитет во извршувањето на дејноста“, пишува во визијата на претпријатието објавена на неговата страница.
Визијата требаше да му донесе статус на модерно европско претпријатие, но ЈКП „Дервен“ од година в година е меѓу најголемите загубари во земјава, додека во 2024 година регистрирал минус од околу 600 илјади евра, што го позиционира во најкритичната група локални комунални субјекти со сериозни финансиски предизвици.
Наместо реформа, повисоки сметки
Во согласност со законските измени, тарифата за водните услуги ја утврдува Регулаторната комисија. Според тарифата за периодот од 2024 до 2026 година, цената за вода за пиење за физички лица лани била 40,39 денари, додека годинава велешани ќе плаќаат повисока цена од 40,95 денари за метар кубен. И цената за правните лица се покачува за околу еден денар по метар кубен.
Дополнително, во изминатите три години цената за собирање смет беше удвоена, како и тарифите за одржување на јавното зеленило.
Сепак, покачувањата во комбинација со лошото менаџирање укажаа дека ЈКП „Дервен“ ја покрива својата неефикасност и нерентабилност на грбот на граѓаните. Ниту еден директор поставен од градоначалниците не преземал одговорност, додека последниот, Горанчо Наунчев, наместо да понуди стратегија, на седниците на Советот на Општина Велес нудеше решение во постојано зголемување на цените.

„ЈКП ‘Дервен’ е претворен во партиска престолнина и клиентелистичка институција. Недомаќинското работење и трошење, нетранспарентноста, непостоење на МЕРИТ-систем, партократијата, децениските партиски вработувања, рекордната загуба на неприходувана вода што е континуирано над 54 %, нереформираноста на институцијата, доминантноста на администрацијата наспроти оперативата, се несомнено едни од клучните фактори за очајната и речиси безнадежна состојба“, вели за „Локал Актив Вардар“ Игор Смилев, екоактивист и советник во Општина Велес во периодот од 2021 до 2025 година.
Според Смилев, суштината на пропаѓањето на ЈКП „Дервен“ е во тоа што во 2022 година издвоил 14 милиони денари на приватна Агенција за привремени вработувања.
600 илјади евра загуба во 2024
Според Годишниот извештај за работата на ЈКП „Дервен“ за 2024 година, претпријатието забележало загуба од 600 илјади евра, односно 100 илјади евра повеќе од 2023 година. Загубата на вода тогаш достигнала 54,5 %, што претставува нов неславен рекорд за претпријатието.
„Како и кај повеќето комунални претпријатија во државава, цените за поголемиот дел од услугите што ЈКП ‘Дервен’ ги обезбедува се непроменети повеќе од десет години, а цените за материјалите и услугите што претпријатието ги набавува од добавувачите постојано растат. Оваа состојба директно и негативно влијае врз финансиските резултати, при што покачувањето на водата и на ѓубрарината не ги покрива зголемените трошоци поради покачените цени на материјали и услуги од страна на нашите добавувачи“, велат од ЈКП „Дервен“ за „Локал Актив Вардар“.

Според претпријатието, неславниот рекорд на загуба на вода бил последица од преземањето на водоснабдителните системи на село Отовица и водоснабдителниот систем за водоснабдување на населба Трпезица, населба Дурутовец и село Чолошево.
За намалување на загубата на водата, ЈКП „Дервен“ во 2024 година набавило инструменти што треба да помогнат процентот од 54 отсто да биде понизок. Има техничка и комерцијална загуба на водата, која стручно ја именуваат како неприходувана, која се троши, но не носи пари, приход.
„Во поглед на загубите на вода од водоводната мрежа, тие се движат од 49 до 53 % на годишно ниво во последниве 10 години, што е пониско од просекот во државава и не претставува директна причина за финансиска загуба“, се правдаат од ЈКП „Дервен“.
Според достапните податоци од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, процентот на неприходувана вода во 2024 година на ниво на Република Македонија изнесува 62 %.
ЈКП „Дервен“ во текот на 2024 година ја извршуваше работата со вкупен број од 305 работници. Околу една третина од нив се вработени во секторот Заеднички служби. Од претпријатието велат дека го намалиле бројот на вработени, но дека зголемувањето на платите имало ефект врз загубата.
Вкупниот приход на претпријатието во 2024 година бил 281 милион денари или 4,5 милиони евра. Секторот Водовод остварил приход од 118 милиони денари, од кои од продажба на вода и услуги имал остварено приход во износ од 106 милиони денари.

Секторот Комунална хигиена остварил нaјголем вкупен приход од 124 милиони денари поради покачените тарифи за износ на смет за сите категории и по сите основи.
Наспроти приходите, претпријатието потрошило 318 милиони денари. Трошоците за бруто-плата изнесувале 170 милиони денари, додека за електрична енергија биле потрошени 11 милиони денари. За гориво и мазиво се направени трошоци во износ од 10 милиони денари. Трошоците за репрезентација, спонзорства и реклама изнесувале 926 илјади денари.
Бизнисот на удар
Директорот Наунчев на една од седниците на Советот на Општина Велес во 2023 година кажа дека главната причина за загубите на ЈКП „Дервен“ е одлуката на Советот од 2018 година за намалување на цените на ѓубрарината.
„Со одлука на Советот од 2018 година се влијаело за пад на ЈКП ‘Дервен’. Донесена е одлука со која ЈКП ‘Дервен’ почнува да пропаѓа, а Општината да биде со пониски трошоци кон ‘Дервен’. Изгласано е да се намали цената, поточно собирањето на сметот да се пресметува наместо од метар квадратен во метар кубен, што е во полза само на малите и средни претпријатија во општината. Ако требало да плаќаат 10 илјади денари, плаќаат две илјади денари. Таа година, откако претходно бележи добивка, се јавува загуба кај ЈКП ‘Дервен’ од 15 милиони денари“, истакна Наунчев на седница на Советот на Општина Велес во 2023 година.

Велешките стопанственици жестоко реагираа на покачувањето на ѓубрарината. Лани, пред локалните избори, бараа од Општина Велес цената на ѓубрарината за правните лица да се определува врз основа на количеството и видот отпад и да се утврдува во денари по метар кубен за сите правни субјекти, а не по метар квадратен.
Со одлуката на Советот донесена на 15 јуни 2023, имаше случаи многубројни деловни објекти што располагаат со голема површина, но имаат ограничена активност, да создаваат мала количина отпад, за кој се обврзани да плаќаат високи месечни суми, пресметани според квадратура. Во исто време, мали оперативни субјекти генерираа поголем обем на отпад, но поради мала површина, плаќаат значително помалку.
Уставниот суд, одлучувајќи по одлуката на Општина Велес, не поведе постапка за цената на ѓубрарината.
Партиски препукувања за ЈКП „Дервен“
Како работи најголемото јавно претпријатие во Општина Велес може да се заклучи од последната (9-та) седница на Советот, одржана на 12 март годинава, вели за „Локал Актив Вардар“ Јованче Манасков, член на Советот на Општина Велес.
На таа седница директорот на претпријатието Наунчев поднел Програма за работа и финансиски план за ЈКП „Дервен“ за 2026 година, заедно со две одлуки за давање согласност на пресметка на бодот за платите за јавни службеници, на даватели на јавна услуга и помошно технички лица.
„Во практика и во системот за планирање во државата, програмите се носат пред почетокот на годината, односно до 31 декември, за да може претпријатието непречено да работи по програма и финансиски план веќе од 1 јануари. Како член на Советот на Општината поставив прашања – како без усвоена програма и финансиски план во претпријатието се вршат јавни набавки и се исплаќаат плати, како се спроведуваат работните активности, како трошоците направени во јануари, февруари и во половината од март годинава се без согласност од основачот. Наместо директорот Наунчев, кому му истекува мандатот за неполн месец, да се потруди да донесе навремени програми и планови, тој од својата комотна позиција на власт не одговори воопшто на поставените прашања“, ни изјави Манасков.

Манасков доаѓа од опозициската СДСМ, која владееше со Велес од 2017 до 2021 година преку тогашниот градоначалник Аце Коцевски. Токму во негово време беше донесена одлука за промена на единицата мерка за пресметка на цената за собирање и транспортирање отпад, и таа одлука за ВМРО-ДПМНЕ е клучна за тоа што ЈКП „Дервен“ генерира загуби.
Манасков смета дека менаџментот треба да направи анализа и да утврди од каде точно доаѓаат загубите, колку од нив се физички, а колку административни, а вели дека тие не се сигурно од цената на отпадот.
„Нека си ги анализираат извештаите за набавена сурова вода од ‘ЈВП Лисиче’, преработена во фабриката за вода, испорачана во системот за водоснабдување, а која е неприходувана. Претпријатие каде што загубата на вода е над 50 % треба да изврши детекција на скриените дефекти, читање на водомерите, контрола на загуби и кражби на вода“, вели Манасков.
Половина од општинските јавни претпријатија во државата 2024 година ја завршиле со загуба, покажува новото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Од вкупно 128 јавни претпријатија, дури 71, односно 55 отсто, оствариле негативен финансиски резултат, со акумулирани загуби што достигнуваат 17,4 милиони евра.
На врвот на оваа негативна листа се три скопски комунални претпријатија: „Водовод и канализација“ со загуба од 4,2 милиони евра, „Улици и патишта“ со 2,6 милиони евра и „Комунална хигиена“ со 1,2 милиони евра.
Следуваат две битолски претпријатија – „Водовод“ со еден милион евра загуба и „Комуналец“ со 960.000 евра. На листата се и скопски „Паркови и зеленило“ со 944.000 евра минус, како и комуналните претпријатија „Водовод“ од Кочани (902.000 евра), „Охридски комуналец“ (597.000 евра) и „Водовод и канализација“ Прилеп (462.000 евра).
Вкупните долгови на локалните јавни претпријатија изнесуваат 193 милиони евра. Долговите на 20-те најзадолжени претпријатија се повеќе од половина од вкупните долгови на сите претпријатија. На дури третина од локалните јавни претпријатија им се блокирани банкарските сметки.
Загубите на локалните јавни претпријатија во 2024 година се зголемени во однос на 2023 година дури за 56 %, односно за 6,2 милион евра. Во последните неколку години зголемен е и бројот на претпријатија што работеле со загуба, и тоа од 54 во 2023 година на 71 претпријатие во 2024 година. Соодветно на тоа, намален е бројот на претпријатија што оствариле добивка во 2024 година, но вредноста на добивката на овие претпријатија е зголемена. Во 2024 година вкупната добивка изнесува околу 5,4 милиони евра што е за 24 % повеќе од 2023 година.
Манасков објаснува дека уште во 2018 година, Советот донел одлука за промена на мерката за пресметување на ѓубрарината. По оваа одлука, правните субјекти почнале да плаќаат по метар кубен, наместо по метар квадратен, што според него било нереално и го оптоварувало бизнисот. Сепак, Манасков тврди дека во февруари 2023 година Советот донел нова одлука, која тој ја нарекува незаконска, со која мерната единица останала единствено за правни субјекти што создаваат повеќе од 100 тони отпад годишно, а истовремено ја удвоиле цената за сите корисници.

„По големото јавно незадоволство од бизнис-заедницата и неплаќањето на сметките од нивна страна, бидејќи имаа склучено договори на кубни метри, кои претходно не беа раскинати, што е огромен пропуст на ‘Дервен’, во јуни 2023 година Советот со oдлука единицата мерка метар кубен ја врати за сите горенаведени. ЈКП ‘Дервен’, мислејќи дека е ‘Итар Пејо’, започна да си ја толкува Методологијата за пресметување на цената во однос на големината на субјектот не по категориите на дејности во согласност со Методологијата, туку според тековната состојба од Централниот регистар и така голем дел од субјектите си ги врати повторно на единица мерка метар квадратен. И до ден-денес се водат судски спорови, голем дел од бизнисите во градот се сериозно финансиски оштетени со ваквата пресметка за отпад, кој ниту го создаваат ниту го предаваат на јавното претпријатие“, објаснува Манасков.
Советничката група на СДСМ во декември 2025 година поднела барање оваа состојба да се разгледа на седница на Советот, но точката не ја прифатиле советниците од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Левица, со ветување од претседателот на Советот Даниел Јаневски дека таа ќе се најде на следната седница и ќе се разгледува најдоцна до крајот на декември.
„До денес, поминаа веќе три месеци и уште четири нови седници, но точката сѐ уште не е ставена на дневен ред. Сега јавното претпријатие ‘очи во очи’ разговара со фирмите за да се исправи работата, за која и Министерството за животна средина се произнесе, а сето тоа да остане ‘под радарот’ на јавноста“, открива Манасков за „Локал Актив Вардар“.
Случајот со ЈКП „Дервен“ отвора сериозни прашања за одржливоста, транспарентноста и управувањето со јавните ресурси во Велес. Додека загубите растат, а цените за граѓаните и за бизнисите се зголемуваат, потребата од суштински реформи и одговорност во работењето на претпријатието станува сè поитна.
Автор: Орце Костов за ЛокалАктив Вардар



