ВЕЧЕРВА ПРОМОЦИЈА НА „ПОВРАТНИК СО ДВЕ ЛИЦА“ ОД ИВИЦА ЧЕЛИКОВИЌ

Денес, од 19 ч., во Спомен-собата на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи промоција на најновиот роман од Ивица Челиковиќ, „Повратник со две лица“.

Челиковиќ е поет, раскажувач и преведувач. Автор е на петнаесетина авторски дела, поетски збирки и романи. Добитник е на повеќе значајни награди и признанија, меѓу кои „Млада Струга“, „Златно перо“, „Стале Попов“, „Караманов 2023“. Неговиот седми роман „Повратник со две лица“ е во финалето за овогодишната награда „Роман на годината“, рамо до рамо со романот на неговиот промотор – Венко Андоновски.

„Повратник со две лица“ отвора сериозни егзистенцијални, морални и филозофски дилеми. Тоа е приказна за сеќавањето, помирувањето со загубата и простувањето, како и за вечната човекова потреба да се најде светлина во темнината.

Романот е издание на „Паблишер“ и беше објавен кон крајот на 2025 година. Достапен е во сите книжарници на „ТРИ“, а ноќва читателите ќе имаат можност да го купат и од Библиотеката и да добијат потпис од авторот.

Настанот е од отворен карактер. Од „ТРИ“ и „Паблишер“ ве покануваат заедно да направиме чекор напред во расветлувањето на дел од прашањата што ги поставува овој роман.