Во киното Cinema Galeries во Брисел вечерва ќе се одржи премиерната проекција пред европската публика на македонскиот игран филм „Диџеј Ахмет“, во режија на Георги М. Унковски.
На настанот ќе присуствува и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, чијашто поддршка претставува јасна потврда за заложбите на Министерството за континуирана афирмација на македонската кинематографија на меѓународен план.
Филмот „Диџеј Ахмет“ е реализиран како меѓународна копродукција со поддршка на Агенција за филм на Македонија, Српскиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Чешкиот аудиовизуелен фонд и Еуроимаж. Оваа соработка ја нагласува важноста на регионалното и европското партнерство во создавањето конкурентни и квалитетни филмски проекти.
По проекцијата ќе следува панел-дискусија посветена на улогата и значењето на меѓународните копродукции во продлабочувањето на европската соработка во филмската индустрија. Настанот е во организација на Европската асоцијација на директори на филмски агенции, во соработка со Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм на Македонија.



