Вечерва (28 август), на затворањето на 10. „Македокс“ ќе бидат доделени наградите за овогодишното издание на фестивалот за документарен филм. Но кој ќе одлучува за нив?
На 10. „Македокс“ ќе бидат доделени награди во пет категории, и тоа: „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм од нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар филм од Студентската програма и Наградата за филм со најдобри етички идеи. За наградите одлучуваат пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.
Жирито за наградата „Кромид“ е во состав Ен Жорже, француска режисерка на документарни филмови кои биле прикажувани на Арте; Инеке Смитс, која дипломирала на Уметничката академија во Ротердам, а по магистерските студии на Академијата за филм и телевизија во Англија почнала да снима документарни филмови и да предава на различни меѓународни проекти за млади филмаџии; и Виктор Еде, продуцент и филмски автор од областа на документарниот филм и аудиовизуелните уметности.
Жирито за наградата „Млад кромид“ е во состав Винсент Дјут, синеаст кој по завршувањето на студиите по историја на уметност се вклучил во Институтот за напредни студии по снимање (ИНСС), а потоа привремено престојувал во Рим и Њујорк; Виола Штефан од Хајделберг, Германија, авторка, режисерка, продуцентка и копродуцентка на дваесет документарни ТВ-филмови, но има работено и како предавач за театар, филм и визуелни комуникации; и македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, чиј дебитантски долгометражен филм „Исцелител“ за само една година бил избран на 56 филмски фестивали и добил 17 меѓународни награди.
Жирито за наградата „Сечкан кромид“ е во состав Анка Паунеску од Брасов, Романија, која дипломирала на Универзитетот во Сибиу, отсек германска филологија, и на Прашката филмска школа, отсек документарен филм; Ондреј Каменицки, директор на Меѓународниот филмски фестивал за човекови права и документарни филмови во Чешка; и македонскиот монтажер Мартин Иванов, кој дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ монтажа, а како монтажер дебитира на долгометражниот игран филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, но има работено како асистент монтажер на повеќе од 10 играни и документарни филмови.
Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав Јасмин Башиќ, филмска историчарка и програмерка, магистер по филмска уметност и англиски јазик, како и коосновачка и членка во бордот на „Про шорт“, швајцарска асоцијација за кратки филмови; Мартина Валентина Баумгартнер, режисерка која од 2018 година соработува со програмата „Нипков“ на повеќе проекти кои истовремено вклучуваат филм, логистика, луѓе и приказни; и Илеана Станкулеску од Букурешт, Романија, која дипломирала на Универзитетот во Париз, Франција, а студиите ги продолжила на Филмската академија „Конрад Волф“, отсек сценарио и филмска драматургија во Постдам, Бабелсберг.
Наградата „Кокарче“ за најдобриот филм од Студентската програма на „Македокс“ за прв пат, благодарение на Current Time TV, ќе биде парична и ќе бидат доделени 2.000 евра за студентскиот филм што ќе победи со одлука на стручното жири.
Жирито за наградата Филм со најдобри етички идеи е во состав Виван Сторлунд, доктор по правни науки, истражувачка и новинарка, а нејзините истражувања се фокусираат на новите услови во дигиталната доба која ја смета за време што нуди огромни можности, иако истовремено е притисната од застрашувачки закани; Џон Периш, музичар и уметник кој го остварил својот креативен потенцијал како композитор, соло-музичар, продуцент и соработник, а познат е по својата работа со Пи Џеј Харви, Алдус Хардинг, Илс, Џајнт Сенд; и македонскиот професор по филозофија Ристо Солунчев, кој работи како вонреден професор на Институтот по филозофија, на Филозофскиот факултет во Скопје и предава нововековна, германска класична и современа филозофија.