„Вашите привремени решенија се наше секојдневие” – На Точак прослави 1 година од контејнерите на велосипедски патеки

Една година откако на велосипедски патеки низ Скопје беа поставени контејнери. Активистите на неформалната група На Точак решија да го прослават овој мал јубилеј со пародично видео, преку кое им посакаа среќен роденден на како што велат „привремените решенија“.

„Вашите привремени решенија се наше секојдневие“, велат од На Точак

„Импровизираните заобиколувања на контејнерите ни беа претставени како привремено решение, бидејќи очигледно истите создадоа конфликт во движењето помеѓу велосипедистите и граѓаните кои ги користат контејнерите. Контејнери беа поставени на главните велосипедски рути кои дневно ги користат илјадници луѓе. Истите тие рути за кои беа потребни години да се ослободат од паркирани автомобили, билборди и друга неплански поставена урбана опрема, да се постават столпчиња за кончно да бидат слободни за оние за кои се наменети“, стои во реакцијата.

Од На Точак велат дека ова е спротивно на целите од Планот за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 и укажува на конфликти помеѓу различните плански документи при нивната реализација и на непочитување на стандарди, но и како што посочуваат, на недоволна комуникација меѓу надлежните сектори и лица.

„И покрај тоа што како активни граѓани упативме официјален допис до Град Скопје, во кој побаравме да ни се појасни ситуацијата, никогаш не добивме одговор. Проблемите не се решаваат на тој начин што ќе се игнорираат и ќе се чека истите да се заборават. Ќе дојдат нови проблеми, старите ќе се заборават“, велат тие.

Од неформалната група нагласуваат дека тие не се против политиките за современо управување со отпад, туку против непланско работење.

„Ние сме против импровизираните привремени решенија да станат трајни, затоа што очигледно со нив веќе никој не се занимава“, стои во нивната реакција.

Тие заедно со Здружението Одржливи иницијативи споделија и прашалник со кој сакаат да ги регистрираат искуствата на граѓаните со превозот низ Скопје за време на корона-кризата. Тој е достапен на следниот ЛИНК.