Утре ќе се одржи конститутивна седница со која ќе претседава Трајко Вељаноски

Претседателот на Собранието во заминување, Трајко Вељаноски, за утре во 13 часот ја закажа и ќе претседава со конститутивната седница на новиот собраниски состав.

„Врз основа на член 63 од Уставот на Република Македонија, кој предвидува дека новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена од одржаните избори и конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав, Вељаноски ја закажа конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав за петок, 30 декември 2016 година, во 13 часот“, стои во соопштението од кабинетот на Вељаноски, испратено вчера доцна попладнето.

Државната изборна комисија денеска на овластените претставници на политичките партии им ги врачи уверенијата за добиените пратенички мандати.

Новиот деветти собраниски состав ќе има 120 пратеници, а нема да има пратеници од дијаспората поради недоволниот број на освоени гласови од кандидатите.

Претседавачот со првата седница (Трајко Вељаноски, н.з.) од избраните пратеници треба да назначи двајца, кои по потреба ќе го заменуваат во претседавањето со седницата, а потоа со прозивка треба да го утврдува бројот на присутните избрани пратеници.

Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинството избрани пратеници, а откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, кои ќе ги верифицираат мандатите на пратениците.

Мета