Во среда е Отворен ден за поправка на текстил во „Ништо ново“

„Имаш парче облека што го сакаш, ама е искинато или оштетено? Не го фрлај или нека не стане крпа за бришење прашина! Дојди и поправи го!“, повикуваат од Центарот за поправки „Ништо ново“, каде во среда (7 мај) од 11 до 15 часот организираат Отворен ден за поправки на текстил.

На работилницата заинтересираните ќе можат да донесат облека и сами да ја поправат. Исто така, да начат трикови за шиење и одржување, но да дознаат како да им дадат нов живот на старите парчиња.

„Ќе имаме и искусна шивачка која ќе биде тука да ти помогне и да даде насоки за поправките!“, соопштуваат од Центарот за поправки, кој се наоѓа на улица „Ѓорѓи Сугаре“ 14 во Кисела Вода.

Заинтересираните може да се пријават на: https://forms.gle/UZf4DH29rKjaeA8PA

Инаку, Радио МОФ веќе пишуваше за „Ништо ново“, прв простор во Скопје каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки,  да учат нови вештини, да се разменуваат со предмети кои не им се потребни, да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво.

Воедно, „АРНО“ и истомислениците веќе размислуваат и на менување на потрошувачките навики, ако се знае дека разни производи – телефони до фрижидери и чевли – се расипуваат по истекот на гаранцијата. Современиот економски систем и капитализмот ги тера луѓето да купат нов производ, иако постојните може да се поправат.

Центар за поправки „Ништо ново“ – дојди, поправи, научи, помогни