Уставниот суд ги укина измените од Изборниот законик со кои партиите им го отежнаа учеството на граѓанските иницијативи на изборите

„Независните успеаја“, се зборовите на граѓанската иницијатива Шанса за Центар, откако Уставниот суд пресече во однос на измените на Изборниот законик со кои им се отежнуваше учеството на независните листи на изборите.

„Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои партиите без никаква јавна консултација го кренаа прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори“, соопштија од Шанса за Центар.

Како што посочија од иницијативата, во предлог-рефератот судијата изразил сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото.

На крајот на февруари, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на прес-конференција зборуваше за важнота на политичкиот плурализам, како темелна вредност на нашиот уставен поредок. Истовремено, нагласи дека измената на цензусот со членовите 17 и 18, е направена во една нетранспарентна и несоодветна постапка.

„Се работи токму за суштествени измени, што ќе влијаат на правата на граѓаните на пристапот до јавни функции, независно дали ќе се кандидираат за пратеници, советници, за градоначалници“, забележа тој.

Независните кандидати ја извојуваа првата битка против големите партии што се водеше во Уставниот суд

Инаку, измените на Изборниот законик беа донесени во Собранието во март 2024, здружено со 84 гласа „за“ и само 2 воздржани. Независни листи (Шанса за центар, Независни за Карпош, Зелен Хуман Град, Зелените од Гази Баба од Скопје, Подобро за Тетово од Тетово, Поинаку од Битола, Стига Е од Струмица и Стига Е – Фронт против рудникот и загадувачите на животната средина – Босилово, Ново Село) уште тогаш остро реагираа дека со ова, практично, независните кандидати се исфрлаат од изборната игра.

Пример, за кандидирање пратеници во Изборната единица (ИЕ)  1, наместо 1.000, со измените беа потребни 3.372 потписи.

Оттука, како што некои од независните коментираа, со потребата да собираат потписи од најмалку 1% од избирачите, тие практично беа туркани кон тоа да размислуваат дали можеби да се регистрираат како партии, што им оди во прилог на големите партии, со цел да се обесхрабруваат граѓанските иницијативи.

Големите ги туркаат малите од независните листи за да формираат партии

Бојан Шашевски