УСС УКИМ: Снимањето и сликањето студентки додека се тушираат е сексуално насилство, потребна е итна истрага

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УСС УКИМ) се јави со остра реакција за снимањето и сликањето студентки додека се тушираат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

„Со најголема вознемиреност и гнев реагираме на информацијата  за снимање и сликање на студентки во бањите  на студентскиот дом ‘Гоце Делчев’. Ова не е ‘несреќен случај’ или ‘непромисленост’, туку акт на сексуално насилство и повреда на основните човекови права. Она што најмногу вознемирува не е само делото само по себе, туку фактот што ваквите ситуации повторно покажуваат колку е небезбеден просторот што треба да биде дом за младите, идната интелектуална и академска сила на нашата држава. Зад ваквото однесување стои систем  што не ја препознава безбедноста на жените како приоритет, како и култура што често молчи пред понижувањето и траумата што тие ја преживуваат“, стои во соопштението на УСС УКИМ.

Од таму бараат итна и темелна истрага, одговорност од сите инволвирани институции и јасен план за заштита на студентките. Наведуваат дека без одложување треба да се воспостават безбедносни протоколи, психолошка поддршка и механизми за пријава на вакви случаи, и задолжителни обуки за родова чувствителност за управите на домовите.

„Нашите студентски домови мора да бидат катчиња на сигурност, не на страв. Секој кој мисли дека има право да ја наруши приватноста и да го сексуализира телото на една идивидуа треба да знае — ќе одговара. Овој случај ја разоткрива итната потреба од промена на културата што дозволува насилството врз жените да биде премолчено. Академската заедница има морална и институционална обврска да се постави против секоја форма на деградација и злоупотреба на женското тело“, се наведува во соопштението.

Од таму додаваат дека „безбедноста на студентките не е административна категорија“.

„Ниту една жена не треба да се срами што некој ѝ ја повредил интимноста. Срамот треба да смени страна“, велат од УСС УКИМ.

Инаку, МВР претходно информираше дека студент од Богданци е приведен откако бил затекнат како тајно снима колешка во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Инцидентот се случил на 16 октомври 2025 година, околу 17 часот, кога 22-годишна студентка од Прилеп, која престојува во домот, забележала мобилен телефон поставен над параванот во бањата додека се туширала.

Според пријавата, 22-годишниот А.М. од Богданци признал дека ги направил фотографиите. Полицијата веднаш го привела и извршила претрес, при што му биле одземени мобилен телефон, лаптоп и компјутер. Од СВР Скопје информираа дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.

Како што објавија повеќе медиуми, дополнителен доказ за сериозноста на инцидентот е што при увидот во мобилниот уред на осомничениот биле пронајдени фотографии од повеќе станарки.

Директорот на домот „Гоце Делчев“, Александар Каровски посочи дека имаат обврска да поведат дисциплинска постапка против студентот што снимал и тој ќе биде иселен.

„Тоа е највисоката казна што најверојатно ќе ја предложи дисциплинската комисија, а јас ќе ја изречам. Поради безбедноста на жените, недозволиво е снимање и прекршен е законот, но за тоа ќе биде спроведена посебна истрага од полицијата каде што го пријавив случајот. Ми се јавија студентки, а бидејќи се полнолетни ги упатив во полиција. Признал дека снимал. Дали снимал еднаш или десет пати – се работи за голем прекршок и кривично дело“, нагласи Каровски.