Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) достави барање за навремена проверка и оспособување на нефункционалните лифтови до Државниот студентски дом – Скопје и барање за итна санација и сервисирање на бојлерите и целиот систем за топла вода до студентскиот дом „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука (МОН).
„Со оглед на приближувањето на новата академска година и очекуваниот зголемен број на станари, се нагласува значењето на функционални лифтови – како за олеснување на секојдневното движење, така и за овозможување безбеден и пристапен престој за сите студенти, вклучително и за оние со ограничена подвижност“, велат од УСС УКИМ за првото барање.
Додека, второто барање до студентскиот дом „Пелагонија“ и МОН, УСС УКИМ го упатиле имајќи ги предвид честите проблеми со греење и топла вода во изминатите зимски сезони.
„Дополнително, се посочува на хроничниот проблем со нефункционалните лифтови во овој дом, што претставува посебна тешкотија за студентите со здравствени или физички ограничувања“, истакнуваат оттаму.
Со овие барања, УСС УКИМ апелира до институциите за навремена и одговорна интервенција уште во текот на летниот период, со цел почетокот на академската година да се пречека со подобрени услови за живот и студирање.
„Овие интервенции се клучни за обезбедување на елементарни услови кои студентите ги заслужуваат. Ќе продолжиме гласно и одговорно да ги пренесуваме реалните потреби на студентите“, истакна Александар Николовски, претседател на УСС УКИМ.