Условна казна од три месеци за студентот Ефтимов, во куќен притвор остануваат четворица демонстранти

Студентот на Правен факултет Борјан Ефтимов доби условна казна затвор од три месеци поради учество на протестите против одлуката за аболиција и за демолирање на Канцеларијата на претседателот Иванов, одлучи Кривичниот суд.

Ефтимов го признал делото „учество во толпа што ќе стори кривично дело“, со што се сложило и обвинителството. По ова, судот го укинал домашниот притвор за студентот, кој му беше определен по поднесувањето на кривичната пријава. Сепак, на Ефтимов му е изречена оваа казна, под услов да не го повтори делото во наредната година.

Ефтимов, заедно со уште четворица демонстранти беа приведени по протестот на 13 април, за што им беше одреден куќен притвор. Тој, на социјалните мрежи го објасни својот случај и соопшти дека куќниот притвор му е продолжен за 30 дена поради сомневање дека би можел да го повтори делото. Сепак, Ефтимов ги повика своите колеги да продолжат да протестираат и да не дозволат да бидат заплашувани.

ПОЛИЦИСКИ РАЗГОВОР И КУЌЕН ПРИТВОР – БЕЗБЕДНОСНА МЕРКА ИЛИ МЕТОД ЗА ЗАПЛАШУВАЊЕ НА ДЕМОНСТРАНТИ

За членовите на Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски судењето е закажано за четврток, додека за Филип Наковски и Никола Аризанов ќе биде во петок. Сите се товарат за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.