Услов за прием на најпрестижниот универзитет во Кина – студентите мора да научат да пливаат пред да дипломираат

На студентите кои конкурираат за прием на еден од најпрестижните универзитети во Кина, им беше кажано дека мора да научат да пливаат пред да дипломираат.

Универзитет Цингхуа, познат како Харвард на Истокот, одлучи дека студентите мора да се докажат и во базен.

Веста предизвика реакции на кинеските социјални медиуми, бидејќи потегот доаѓа во време кога земјата се бори со суша. Но, Универзитетот соопшти дека пливањето е клучна вештина за опстанок.

Претседателот на Универзитет, Кви Јонг, рече дека вежбата е задолжителна за сите студенти, бидејќи тоа, исто така, ја подобрува физичката кондиција.

Една од најценетите институции во Кина, Универзитетот Цингхуа, првпат го направи пливањето да биде услов во 1919 година, но подоцна тоа беше отфрлено поради популарноста на универзитетот и недостаток на базени во Пекинг.

Сепак, според сегашните правила, новите студенти кои ќе почнат со настава во септември ќе треба докажат дека знаат да пливаат најмалку 50 метри.

Одлуката предизвика дебата на социјалните мрежи, така што дел од корисниците се прашуваат дали е разумно да се очекува од оние кои израснале во градовите во внатрешноста да знаат како да пливаат.

„Што се случува со студентите од места каде нема реки или плажа?”, напиша корисник.

Друг коментатор, вели: „И покрај тоа што е ‘познат универзитет’, не треба да измислува правила, бидејќи такви правила може да убијат талент.”

Други, пак, го пофалија универзитет за промовирање на „потребна вештина која може да спаси животи”, додавајќи: „Добра работа е што универзитетот го нагласува ова. ”

Според конкурсот, ако учениците не поминат на првичната проба, тие мора да се научат да пливаат пред да дипломираат.