УСАИД издаде прирачник за стратегии за барање на работа на брајова азбука

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов” денеска гo презентираше прирачникот за стратегии за барање на работа издаден на брајова азбука за слепи лица и за лица со оштетен вид.

УСАИД издаде прирачник за стратегии за барање на работа на брајова азбука

Прирачникот кој е изработен во соработка со школото “Димитар Влахов”, ќе обезбеди насоки за слепите лица и лицата со оштетен вид кои бараат работа.

“Вработувањето на лица со попреченост не е прашање на милостина, туку прашање на човекови права. Мора да запаметиме дека лицата со попреченост се лица со многу способности и треба да ги имаат истите можности како и секој друг граѓанин. Нашиот проект се залага за обезбедување на тие можности“, изјави Џејмс Стајн, директор на мисијата на УСАИД во Македонија.

“Учениците со оштетен вид коишто посетуваат настава во ова училиште, го стекнуваат истото теоретско знаење како и сите други ученици кои се дел од македонскиот образовен систем, а стекнуваат и соодветни практични вештини, способности и квалификации, со кои по формализацијата на образовниот процес настапуваат на пазарот на трудот. Барајќи работно место, и тие, покрај останатите документи треба да достават и кратка биографија, мотивационо писмо, но и да отидат на интервју кај потенцијалниот работодавач. Токму овој прирачник ќе им помогне да се запознаат со стратегиите за барање работа“, изјави министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија.

Проектот им помага на лицата со попреченост да се вклучат во општеството преку подобрување на нивните вештини за вработување со обуки за пишување на резиме и подготовка за интервју за работа, им нуди можности за практикантско ангажирање, како и работилници за како да започнат и да водат сопствен бизнис.

Проектот е наменет за лицата со попреченост од полошкиот, скопскиот и северо-источниот регион од Македонија и е имплементиран од “Моја кариера” во Скопје, во партнерство со “Хендимак” во Тетово и “Порака наша” во Куманово.

Досега, преку Проектот се обучени 232 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 130 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост, а вработени се 57 лица со попреченост.