Уранија Пировска: Власта сее страв и кај новинарите и меѓу граѓаните

Притворот за новинарот Томислав Кежаровски беше неуставен, продолжува игнорирањето на случајот со нападите врз ЛГБТИ центарот,  власта се дрзна да навлезе во сите пори на живеењето, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, во неделното интервју на Радио Слободна Европа која со единица ја оценува состојбата со човековите права во земјава.

Уранија ПировскаСпоред Пировска, моќта и власта се злоупотребуваат на мошне дегутантен начин и со единствена цел, да се сее страв, не само меѓу новинарската фела, туку и генерално меѓу граѓаните.

„Ние го чувствуваме тоа, активистите за човекови права го чувствуваме од самиот факт што граѓаните чувствуваат бојазност да се обратат и да побараат правна помош во голем дел од случаите, стравувајќи за својата егзистенција, стравувајќи од можните реперкусии. Сето тоа е еден манир на однесување на еден тоталитарен режим, морам така да го наречам, во кој буквално се ништи сето она што претставува фундаментално право и слобода на граѓанинот во оваа земја“, вели Пировска.

Таа смета дека полицијата немаше никакво право да го спречи одржувањето на протестот на новинарите за поддршка на Кежаровски, а целиот случај за новинарот вели дека акт  на власта за загрозувањето на слободата на медиумите.

„Значи, нашиот Устав утврдува дека на новинарот никогаш не може да му се бара да даде информација за изворот на информациите до коишто дошол во одреден случај. Тука се случи едно драстично отстапување од правдата и од законот, особено што во случајот Кежаровски има многу нејасни моменти. Вие знаете за шпекулациите дека тој беше притворен 5 години откако работел на случајот којшто се третира во правната работа поради самиот факт што дошол до некои информации во случајот за смртта на Никола Младенов. Постојат повеќе шпекулации коишто мислам дека и е нормално да постојат во услови кога на таков начин се спроведува правда кон еден новинар. Меѓународната заедница застана на нозе, сите новинарски организации и меѓународни исто така го дадоа своето мислење, па и Мисијата на ОБСЕ, за да конечно на крај на новинарот Кежаровски ми биде одредена мерка куќен притвор. Јас од она што знам од мониторингот што ние во правевме во случајот е дека постојат многу нејаснотии и дека постои голема конфузност во образложението на таа пресуда, меѓутоа случајот Кежаровски понатаму верувам дека ќе продолжи и низ другите инстанци, а не е чудно и да заврши пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, вели Пировска.

Во однос на кривичните пријави за нападите врз ЛГБТ центарот за поддршка во Скопската Чаршија, извршната директорка на Хелсиншки не очекува дека ќе бидат пронајдени сторителите. Се сомнева и дека зад нападите се крие доброобмислена операција инструирана за да се спречи создавање на критична маса од ЛГБТ заедницата во земјава.

Пировска дава негативен одговор и на прашањето- дали воопшто надлежните институции досега реагирале на некои од забелешките на Хелсиншкиот комитет.

„На ова прашање логично следува негативен одговор ако се има предвид дека претходно зборувавме за тотално нефункционирање на системот, односно функционирање во спротивност со законот и сето она што претставува стандард за човековите права. Владата покажува еден игнорантен однос, нема дебата, нема демант, нам ни е стеснет просторот за промовирање на она што го констатираме и она што го препорачуваме од проста причина што останаа само неколку медиуми што имаат волја да нè пренесат. Секако дека власта со таа игноранција покажува и дека не смета дека она што ние го тврдиме и го посочуваме е релевантно, меѓутоа јас мислам дека она што ние го правиме во моментов е нешто што треба да продолжиме да го правиме, во секој случај. Образложенијата од типот што ќе се постигне ако се побара од институциите на системот кога знаеме дека нема да одговорат или дека нема да постапат по нашите укажувања за мене се неприфатливи. Тие институции постојат за граѓаните, а не обратно“, вели Пировска за Радио Слободна Европа.