Универзитетско студентско собрание бара вонредна социјална стипендија за студентите погодени од кризата

Воведување социјална стипендија за сите студенти засегнати од финансиската криза, денеска побара Универзитетското студентско собрание (УСС )на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од УСС бараат оваа привремена економска мерка, во вид на вонредни социјални стипендии, да важи за студенти кои потекнуваат од семејства со низок доход ( со месечни примања до 14 000 денари по член на семејство), како и за студентите кои ќе приложат доказ дека еден или повеќе од членовите на семејството останале без работно место како последица од вонредната состојба.

Оттаму додаваат дека сумата на оваа вонредна стипендија дополнително ќе се утврдува во преговори со надлежните институции, пред се Министерството за образование и наука и Владата.

Лошата економска ситуација која во претстојниот период дополнително ќе се продлабочи е проблем кој не ги избегна ниту студентите. Голем дел од нив го финансираат своето образование од приходите на семејството, кои сега дополнително ќе бидат скратени, или пак од хонорарни и привремени ангажмани кои не се опфатени од досегашните мерки на Владата. Ваквата кризна состојба може да се надмине само со стабилно и систематско дејствување па затоа ги повикуваме надлежните институции да ги преземат потребните мерки со кои ќе се помогне на ранливите категории и студентите чии финансии енормно ќе бидат скратени во претстојниот кризен период“, велат од УСС.

Покрај ваквите краткорочни мерки, од УСС укажуваат дека се потребни и системски промени. Затоа ги повикуваат надлежните институции на разговори со цел креирање на долгорочни економски мерки кои ќе бидат донесени во претстојниот период со цел да се помогне на најпогодените студенти.