УНИЦЕФ: Првите 1000 дена живот се важни за развојот на мозокот кај децата

„Првите 1.000 дена во животот на детето се важни за развојот на мозокот кај децата за време на овој пресуден период, мозочните клетки може да градат и до 1.000 нови врски секоја секунда – брзина што се јавува само еднаш во животот. Овие врски придонесуваат кон функционирање на мозокот и учењето кај децата, и претставуваат темел за нивното идно здравје и среќа“, соопштија денеска од Уницеф како дел од кампањата #ПрвитеМоментиСеВажни.

Од Уницеф известија дека недостатокот на нега и заштита, исхрана, љубов и заштита од насилство може да го попречат развивањето на ваквите пресудни врски. Од таму кампањата ја започна со #ЈадиИграјСакај, дигитална и печатена иницијатива насочена кон родителите и старателите, во која се даваат научни информации за тоа како се развива мозокот на бебињата.

„Инвестициите во раното детство се еден од најисплатливите начини за зголемување на способноста кај сите деца да го достигнат својот целосен потенцијал преку зголемување на нивната способност за учење в училиште, а подоцна и на нивниот капацитет за заработка како возрасни. Ова е особено значајно за децата кои растат во сиромаштија. Една 20-годишна студија покажа дека сиромашните деца кои учествувале во квалитетни програми за ран детски развој додека биле мали заработувале и до 25 проценти повеќе како возрасни, во споредба со своите врсници што не добиле иста поддршка“, соопштија од УНИЦЕФ.

Според неодамнешните истражувања објавени во „Лансет“, речиси 250 милиони деца во земјите во развој имаат ризик од слаб развој, поради застој и сиромаштија. Но, потребата за поголеми инвестиции и акција во раниот детски развој не е ограничена само на земјите со низок приход. Маргинализираните деца кои живеат во земјите со среден и висок приход, исто така, се изложени на ризик. УНИЦЕФ проценува дека уште неколку милиони деца ги минуваат формативните години растејќи во нестимулирачка и небезбедна средина, ставајќи го во ризик нивниот когнитивен, социјален и емотивен развој.

Од Уницеф ги повикаа владите да ги зголемат инвестициите во раното детство, да ги прошират здравствените и социјалните услуги што им се нудат на малите деца, како и да ги зајакнат услугите за поддршка на родителите и старателите.