Украина бара чернобилската зона да добие статус на светско наследство

Украинската влада почна иницијатива за чернобилската зона, која минатата година била посетена од 124.000 туристи, да биде впишана на списокот на светско наследство на УНЕСКО, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Повеќе од три децении откако чернобилската катастрофа присили илјадници луѓе да се евакуираат, на подрачјето сега доаѓаат туристи.

„Чернобилската зона веќе е светска знаменитост“, изјави водичот Максим Поливко. „Но, денеска ова подрачје нема официјален статус“, додаде тој, зборувајќи за зоната во која дивите животни ги окупираа напуштените кули, продавниците и владините згради од советското време.

Тоа може да се промени со владината иницијатива подрачјето да се стави на списокот на наследство на УНЕСКО, покрај знаменитостите како индискиот објект Таџ Махал и мегалитниот споменик Стоунхенџ во Англија.

Официјални лица се надеваат дека со признавањето ќе се истакне значењето на местото како туристичка атракција и за возврат ќе ги зајакне напорите за зачувување на старите згради кои се наоѓаат на подрачјето.