Доверливи податоци за повеќе од 14 000 луѓе дијагностицирани со ХИВ, вклучувајќи и странци, се украдени од базата во Сингапур. Властите вчера открија детали за протокот на доверливите здравствени податоци собирани во 2016 година.
Веруваат дека зад случајот стои ХИВ-позитивен Американец чиј партнер бил познат сингапурски лекар. Протекувањето на информациите доаѓа само неколку месеци откако јавноста дозна за кражба на податоци на 1,5 милиони Сингапурци, вклучувајќи го и премиерот Ли Хсиен Лоонг, направена минатата година.
Доверливите информации, вклучувајќи имиња, адреси, ХИВ статус и други медицински информации, наводно, се вклучени во најновиот случај.
Властите велат дека деталите на 5.400 Сингапурци и 8.800 странци кои датираат од јануари 2013 година се компромитирани. До 2015 година, на странците со ХИВ не им беше дозволено да го посетуваат Сингапур, дури и како туристи.
Сега, секој што сака да остане повеќе од 90 дена, вклучувајќи и ако е дојден за работа, е предмет на задолжителни медицински прегледи и проверка на ХИВ статус. Властите веруваат дека 33-годишниот американски државјанин кој живеел во Сингапур од 2008 година стои зад случајот. Михи Фаррера-Брочез беше осуден за измама и прекршоци поврзани со дрога во 2016 година, а беше депортиран минатата година.
Тој е поранешен партнер на Лер Тек Сианг, поранешен шеф на националната единица за јавно здравство во Сингапур, кој беше осуден за помагање на Фаррера-Брочез да фалсификува медицински податоци за да го прикрие својот ХИВ-позитивен статус. Официјалните лица велат дека Лер дал своја крв наместо Фарера-Брочез, за да му дозволи да влезе во земјата.
Во соопштението, Министерството за здравство го обвинува Лер за прекршокот, обвинувајќи го дека не ги почитувал политиките за обработката на доверливи податоци. Додаваат и дека за првпат биле свесни во 2016 дека Американецот можеби имал доверливи информации – но сметале дека сите материјали биле запленети и обезбедени од страна на полицијата.
„Жал ни е што еден од нашите поранешни вработени, кој беше овластен да има пристап до доверливи информации во нашиот регистар за ХИВ, се чини дека не постапувал во согласност со нашите безбедносни упатства”, изјави министерот за здравство, Ган Ким Јонг.
Здравствените власти велат дека се обиделе да контактираат со “речиси сите” постојани жители на Сингапур кои биле на оваа листа, но успеале да зборуваат само со околу 900 лица. Воспоставена е и линија за оние кои се засегнати, а ќе бидат понудени советувања.
Властите претпоставуваат дека Фаррера-Броче е во странство, но не знаат каде. Предупредуваат дека „Постои ризик да продолжи јавно да ги шири информациите“.