Критики од Министерството за образование стигнаа на сметка за опозицијата која вчера укинувањето на екстерното тестирање го најави како една од мерките за подобро образование. Според министерот за образование Спиро Ристоски, жално е кога најголемата опозициска партија не нуди мерки за развој на образованието, туку собира политички поени. Предлогот на СДСМ за укинување на екстерното, за министерот е тотална грешка.
„Ако тоа не е добар систем на оценување и верификување на знаењето, немаше сите земји во Европската унија да го имаат имплементирано. Жалосен е потсмевот со кој говорат и за математиката. Мислам дека во таа партија има многу инженери, луѓе кои знаат што значи математиката и сметам дека со нив треба да се консултираат“, изјави Ристовски.
Од Младинскиот образовен форум ги повторија своите ставови, сметаат дека екстерното тестирање не треба да се укинува, туку сериозно да се анализира и да биде пилот проект се додека сите засеганти страни не бидат сигурни дека може да се спроведе без пропусти.
„Ставовите на МОФ по однос на екстерното тестирање се изградени врз основа на анализа на моделот и начинот на имплементација на екстерното во Македонија. МОФ смета дека екстерно оценување во Македонија треба да постои, како мерка за унапредување на квалитетот на образованието, но не како мерка за контрола врз наставниот кадар и мерка за притисок и сеење страв врз учениците и родителите“, вели Марјан Забрчанец, извршен директор во МОФ кој посочи дека не ја знаат позадината на предлогот на СДСМ за укинување на екстерното, но и анализата врз која ја темелат мерката за укинување на тестирањето.
Во однос на изјавата на пратеникот Антонио Милошоски, со која тој им порача на опозиционерите дека треба да се предлагаат мерки за унапредување и подобрување на екстерното, од МОФ укажаа дека тие уште пред неколку месеци предложија цел сет мерки, кои министерството не ги прифати.
Мерката за укинување на екстерното тестирање, односно казнените одредби од законите и оценките од ваквото тестирање е само дел од сетот мерки кој ги предложи опозицијата за подобро образование.
Покрај ова како мерки беа наведени и подобувањет на менаџирањето со образовните институции, заштедите во буџетот за образование да се пренасочат во проекти со повеќенаменски образовни и социо-економски цели, најавија поголема поддршка на наставниците но и политика на наградување наместо казнување на наставниците и училиштата.