Укинат „универзитетскиот азил“ во Грција, полицијата отсега ќе може да влегува на кампусите

Грчкиот парламент ја укина законската одредба со која факултетите беа зона во која полицијата не можеше да влезе. И додека властите ја објаснуваат оваа одлука како борба против беззаконието, критичарите ја осудуваат како сузбивање на демократијата, пренесе Ал Џазира.

Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис, се залагаше за укинување на оваа одредба како прашање на јавната безбедност.

„Укинување на универзитетскиот азил значи одбрана на деликвентното однесување на универзитетите“, изјавил Мицотакис.

Владината мерка беше отфрлена од опозициските левичарски партии, карактеризирајќи ја како удар врз демократијата.

Поранешниот премиер и лидерот на Сириза, Алексис Ципрас, обраќајќи се до Мицотакис изјавил дека потегот е обид да се наруши независноста на јавните универзитети во Грција.

Конзервативците веќе долго време тврдат дека идејата факултетите да се користат како засолниште, одамна ја изгубила својата смисла и дека тоа го злоупотребуваат криминалците, како и тоа дека професорите се жалат на насилство и трговија со дрога.

„Универзитетскиот азил“ беше наследство од пресметките на воената диктатура против студентите од 17 ноември 1973 година, кога тенк влезе низ портите на Политехничкиот универзитет во Атина по што загинаа десетици лица.