Независна угостителска комора НУК испрати јавна критика за владината помош за угоститителите, во рамки на четвртиот сет економски мерки, со кои се намалува ДДВ-то во угостителската индустрија. Сепак, како што појаснуваат угостителите, од 1-ви јануари 2021 год, наместо една единствена даночна стапка тие добија три стапки на данок на додадена вредност.
„Со предизборните кампања на угостителите им беше ветено унифицирање на данокот на додадена вредност со една единствена даночна стапка од 10% ДДВ за сите ресторантски услуги. За жал Владата истата ја спроведе со парцијално решение на воведување на данок на додадена вредност во висина од 10% исклучиво за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. Со воведување на новата повластена стапка останаа во важност претходно важечките стапки во висина од 5% и 18% со што од 1ви Јануари во угостителската индустрија постојат 3 стапки на ДДВ и тоа 5%, 10% и 18% што на некој начин со почетокот на новата 2021 година создаде хаос во работењето“, појаснуваат од НУК.
Тие посочуваат дека воведувањето на новата даночна стапка во угостителството нема сите угостители рамноправно да ја осетат. Бенефит сметаат дека ќе имаат главно рестораните, гостилниците, националните ресторани и сите оние кој работат со храна, но не и кафетериите, баровите, пивниците, ноќните клубови и дискотеките кои работат само со пијалоци. Исто така забележуваат дека ќе изостанат краткорочните и брзи позитивни ефекти, ниту пак битно ќе влијание во работењето или брзото заздравување на угостителската индустрија од пандемијата Ковид-19.
Дополнителен проблем, додаваат е и тоа што фискалните уреди не се подготвени новата пресметка, а правилникот од Министерството за финансии за начинот на воведување на новата стапка на ДДВ е објавен само еден ден пред почетокот на неговата примена.
„Со новата даночна стапка се појавува и понатаму проблемот и можноста за различно толкување и правото на користење на двете повластени стапки од 5% и 10% во еден ист објект кои се употребуваат за достава на храна со 5% ДДВ и предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги со 10% ДДВ. Поради пандемијата Ковид-19 голем број угостителските објекти воведоа во своето работење достава на храна. Угостителите кои покрај предавањето на храна на лице место и кетеринг услуги ќе сакаат да продолжат да работат со достава на храна и примена на повластената даночна стапка од 5% ќе треба да регистрираат посебни подружници во своите објекти со посебни фискални апарати преку кои ќе го остварат правото на користење на оваа повластена даночна стапка како би се избегнеле можноста за манипулација и повторна злоупотреба на правото на користење и толкување на даночната политика и од страна на угостителите и од страна на даночните инспектори“, додаваат од НУК.
Затоа бараат Владата да го доисполни своето изборно ветување за една даночна стапка за сите угостителски услуги односно, како што појаснуваат, да ја исправи грешката што ја направи со парцијалното воведување на новата повластена стапка од 10% за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.