Уганда најави смртна казна за хомосексуалците

Владата на Уганда најави воведување на смртна казна за сите ЛГБТИ лица. Законот, уште познат и како „Убијте ги гејовите“, беше поништен пред пет години, но владата најави дека работи на нов план со кој во наредниот период повторно ќе се обиде да го изгласа, oбјави Индепендент.

Во изјавата стои дека ваквата реформа ќе го „спречи порастот на неприродната појава во нацијата“.

„Хомосексуалноста е неприродна за жителите на Уганда , но во последно време се соочуваме со масовно регрутирање на геј луѓе во училиштата, особено меѓу младите, кои го шират лажното верување дека некои луѓе се родени такви“, изјави министерот за етика и интегритет на источноафриканската земја, Симон Локодо.

Тој исто така дополни дека во моментов законот за ЛГБТИ луѓето е лимитиран, односно криминализиран е само актот на истополови односи.

„Сакаме да ја криминализираме било која промоција, регрутација и поддршка кон геј лицата“, вели Локодо. „На сите кои како било ќе бидат вклучени во ваквите акти ќе им биде изречена смртна казна“.

Предлог законот, кој ја има целосната поддршка од претседателот на државата, ќе биде презентиран пред парламентот во претстојниот период. Според Локодо гласањето за законот би се одржало до крајот на оваа година. Тој е оптимистичен дека законот ќе биде изгласан со потребното двотретинско мнозинство.

Уставниот суд го поништи овој закон откако беше изгласан во 2014 година поради техничка причина. Државата тогаш доживеа огромна меѓународна осуда. САД значително ја намали финансиската помош кон земјата и воведе поголеми рестрикции за добивање виза. Светската Банка, Норвешка, Данска и Холандија исто така ја повлекоа или намалија својата помош.

„Подготвени сме за вакви рестрикции“, вели министерот Локодо. „Свесни сме дека ова ќе ги иритира нашите поддржувачи, но не смееме да подлегнеме пред притисоците на земјите кои сакаат да ни наложат некоја култура која за нас е непозната“.

Активистите стравуваат дека ова само дополнително стимулира насилство врз ЛГБТИ лицата. Стотици лица беа форсирани да ја напуштат земјата досега бегајќи од притисоци поради нивната сексуална ориентација.

„Ако овој закон биде изгласан во парламентот, ќе криминализира било застапување на правата на ЛГБТИ лицата, а камо ли отворена поддршка и штитење на овие малцинства“, изјави Џулиан Онзиема, член на „Сексуални малцинства Уганда“, алијанса која застапува права на ЛГБТИ лица.

Инаку, три геј лица и една транс жена беа убиена во Уганда само оваа година. Последниот случај беше токму минатата недела која геј маж беше претепан до смрт.