„32,9% од средношколците од Скопје, го посетиле/биле пратени кај училишниот психолог заради недисциплинираност, а 15% заради голем број на изостаноци“, велат податоците произлезени од истражувањето „Перцепции за менталното здравје помеѓу средношколците во Скопје“ кое Здружението на граѓани Младите можат го спроведе пролетта 2019 година.
Токму овие податоци беа инспирација за панел дискусијата „Ќе те пратам кај психологот! – Казна, закана или поддршка“ која се одржа синоќа во МладиХаб во Скопје. Целта на овој настан беше да се поттикне дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците, да се презентираат наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје.
Педесетината присутни, млади, професионалци од областа, но и лица кои имаат особен интерес на темата, ја проследија анализата од истражувањето која Извршниот директор на Младите можат, Анита Николовска, им ја презентираше. Понатаму, имаа прилика да ги слушнат излагањата на панелистите.
На основа на нејзиното долгогодишно професионално искуство, психологот во СУГС Гимназија „Никола Карев“ Гордана Блажевска Спиридонова го започна своето излагање со акцентирање на тоа што во последните три години сѐ повеќе средношколци прашуваат и бараат помош, сакаат да се грижат за нивното ментално здравје.
„Уште сме на почеток на пронаоѓаме во темава, училиштето е неподготвено да одговори на проблеми неповрзани директно со образовниот систем, како што е менталното здравје и дијаметрално различната перцепција на децата, возрасните и установите во врска со психолозите“, истакна таа.
Кристијан Ангелески, младински работник и дел од базата на ментори на „Младите можат“, со своето излагање објасни зошто токму врсничката едукација е избрана како соодветен пристап на темата.
„Бидејќи е од млади за млади, бидејќи е многу полесно да се почувствуваш слободен и близок со свој врсник отколку со возрасен. Најголемиот предизвик во процесот на изработка на прирачникот беше тоа што не постои во светот веќе подготвен прирачник за врсничка едукација за ментално здравје,“ – сподели тој.
Третиот панелист, Тамара Митевска, средношколец и врснички едукатор за ментално здравје на „Младите можат“ сподели дека најголемиот предизвик токму на самите работилници било тоа што средношколците менталното здравје го поврзуваат со проблеми, болести, депресија, попреченост, или пак мала отсутност и незаинтересираност.
„Им беше чудно што некој на нивна возраст издвоил време да дојде за да ги праша како им поминал денот, како се чувствувале и да им даде информации како да одржуваат ментална хигиена.“ – нагласи таа.
Од „Младите можат“ истакнаа дека прирачникот за врсничка едукација за ментално здравје е достапен во електронска форма, на веб страницата www.youthcan.org.mk и е наменет само за млади кои поминале соодветна обука за врсничка едукација.