Учениците се жалат на недостиг и стари книги во средношколските библиотеки

„Има огромен недостаток на книги во моето школо, ’Георги Димитров’. Од секоја лектира има по 5 примероци максимум или воопшто нема. Некој ќе каже дека во нашата школска библиотека нема мистерии за читање, но не е така. Напротив, сите книги се мистерија бидејки од секоја фали по некоја страна“, вели во изјава за Радио МОФ, ученик во ова скопско средно училиште.

Книгите кои според образовната програма треба да ги прочитаат честопати ги нема, а уште помалку слободна литература, се жалат средношколците. Поради ова тие треба да се зачленуваат во библиотеките надвор од училиштата каде што се приморани да плаќаат чланарини.

„И кај нас во ’Орце Николов’ е слична ситуација. Има многу малку примероци и се престари, искинати или половични. Освен делата за обработка и лектирите по програма многу ретко се наоѓаат други книги коишто сакаме да ги читаме и затоа не ни одиме…и се зачленуваме во други библиотеки“.

„Во ’Васил Антевски-Дрен’ минатата година имаа донесено доста нови книги, меѓутоа од секоја книга има по 30-40 примероци, а сме 14 класа во генерација, така што тешко е да се дојде до нив“, велат средношколците.

За недостатокот на книгите и лошата состојба во којашто се наоѓаат зборуваше и библиотекарот Драган Арсовски вработен во средното училиште во Скопје „Раде Јовчевски-Корчагин“.

„Има и тоа голем недостаток. Во изминатиот период се донесени само две дела што се нови и ги задоволуваат потребите. Ова се доста стари книги кои се користат веќе 20 години. Се задаваат дела за обработка каде има само пет книги , а во една генерација се 150 ученици“, вели Арсовски.

Според него, потребно е од Министерството за образование и наука да направи ревизија на делата што се обработуваат и да се види кои книги, во колкав број треба да се дополнат.

За овој проблем се обративме и до Mинистерството уште пред една недела. Ги прашавме за обврската што ја имаат кон средношколските библиотеки, што досега е направено за зголемување на фондот на книги и заменување на старите со нови, но и за тоа колку често се прави ревизија на делата што се обработуваат. И покрај најавата дека ќе добиеме одговор, оттаму се уште молчат.

Емилија Петреска