Учениците од Хонг Конг бојкотираа настава на првиот школски ден во поддршка на про-демократските протести

Илјадници средношколци и студенти ги бојкотираа часовите и предавањата во Хонг Конг во поддршка на про-демократските протести низ земјата.

Организаторите соопштија дека преку 10 илјади ученици од 200 средни училишта не се појавиле на часови на првиот ден од новата школска година. Потегот на средношколците доаѓа истовремено со повикот за општ дводневен штрајк и масовни демонстрации во градот-држава.

„Спремен сум да поднесам било каква дисциплинска последица“, изјавил еден студент за локален весник.

Ова е 14-та последователна недела во која се одржуваат протести во Хонг Конг предизвикани од законската промена со која ќе се олесни екстрадицијата во Кина. Во меѓувреме демонстрациите се проширија и на барања за независна истрага за полициската бруталност и правото на глас на избори.

Протестите на средношколците ги организираше партијата Демосисто и неколку ученички организации. На сликите кои се споделуваа на социјалните мрежи може да се забележи како учениците формираат „човечки обрач“ пред повеќе средни училишта низ градот.

На протестите кои се одржаа викендов беа регистрирани голем број инциденти меѓу демонстрантите и полицијата. Во саботата демонстрантите фрлале молотови коктели и ја нападнале зградата на парламентот, додека полицијата употребила солзавец, гумени куршуми и водени топови, пренесе Би Би Си.

Денеска активисти ја нарушија работата на железницата на повеќе станици и предизвикаа големи застои во сообраќајот.