Уапсена министерката за култура на Јужна Кореја поради „црна листа“ на уметници

Министерката за култура на Јужна Кореја е уапсена поради наводите дека таа помогнала во составување на црна листа со речиси 10 000 корејски културни личности, критични кон претседателката на која и беше изгласана недоверба минатиот месец.

Чо Јун Сан е уапсена во саботата, под обвинение за злоупотреба на власта и кривоклетство откако полицијата доби наредба издадена од Централниот окружен суд во Сеул. Во наредбата, судот напиша дека нејзиниот криминал бил „потврден и постоела загриженост дека ќе се уништат доказите”.

50-годишната е обвинета за изработка на листа со која се оцрнуваат актери, сликари, поети и музичари. Оние кои не биле на листата, не добивале владини субвенции.

Во октомври, јужнокорејскиот дневен весник „Ханкук Илбо“ откри дека на црната листа на владата на Јужна Кореја има 9473 уметници, вклучувајќи го и добитникот на Меѓународната награда  Букер (2016), авторот Хан Канг, како и режисерот Парк Чан-вук, кој освои гран при на Канскиот филмски фестивал во 2004 година.

Министерката за култура, која ја презеде функцијата минатата есен, е прв министер кој досега бил уапсен, пренесува Ројтерс.

Покрај апсењето на Чо, обвинителите издадоа налог за апсење и за поранешниот претседателски шеф на кабинетт Ким Ки-Чун, за организирање на црни листи.

Тимот на Специјалното обвинителство го истражуваше корупцискиот скандал по жалбата поднесена од страна на група на уметници.

Во соопштението, потпишано од 144 уметници се вели: „Црна листа за луѓето во културата и уметноста, потиснување на слободата на изразување и пристрасност во културните организации – ова се работи кои не смеат да се случат во 21-от век. Ова е газење на самодовербата на уметниците и ја уништува креативната желбата на оние кои се посветени на негувањето на културата и уметноста. ”

Пред обвинителството да побара налози за апсење, Чо и Ким биле испитувани 21 и 15 часа.

На 9 декември, корејските пратеници гласаа за отповикување на претседателката под обвинение дека соработувала со пријател за да изнуди пари од најголемите фирми во земјата и му дозволила да манипулира со владините работи. Јужнокорејскиот Уставен суд има шест месеци да донесе одлука за отповикувањето.