Уапсен капетанот на јапонскиот брод од кој се излеа над 1 000 тони нафта во близина на Маурициус

Уапсен е капетанот на јапонскиот брод што предизвика излевање на повеќе од 1000 тони нафта во Индискиот Океан, кај островот Маурициус.

Властите соопштија дека тој е обвинет за „загрозување на безбедната навигација“.

Сунил Кумар Нандешвар е во притвор во очекување на сослушување следната недела, изјави полицискиот инспектор Сиво Кутен.

„Ние спроведуваме целосна истрага и ги интервјуираме сите членови на екипажот“, додаде тој.

Бродот се насука на коралниот гребен на 25 јули.

Јапонскиот брод, откако неколку дена беше зафатен од силни бранови, почна да испушта нафта на 6 август, истурајќи над една четвртина од својот товар на гориво во тиркизните води на лагуната Махбург.

Повеќето од преостанатите 3.000 тони гориво беа испумпани од бродот, но групите за животна средина предупредуваат дека штетата на околните корални гребени може да биде неповратна.

Вакашио требаше да остане на 16 километри од брегот, но беше на помалку од 2 километри од брегот кога потона.

Сопственикот истражува зошто бродот излегол од својот правец и испратил експерти за да помогнат во расчистувањето на штетата, додека владата на Маурициус бара надомест од компанијата.

Локалните власти се под притисок да објаснат зошто не се преземени итни активности за да се испразни бродот со гориво пред да започне да протекува.

Премиерот Правинд Југнаут го обвини лошото време за бавниот одговор.

Експерти од Франција, Јапонија и Обединетите нации во моментот се вклучени во расчистувањето, додека Програмата за развој на ООН издвои 200 000 американски долари за решавање на непосредното влијание на излевањето.