Уапсен човекот кој го смени знакот Hollywood во „Hollyweed“

Полицијата на Лос Анџелес го уапси „шегаџијата“ кој го промени најпопуларниот споменик на Холивудскиот рид во „Hollyweed“. Закари Кол Фернандез, 30, беше уапсен во понеделникот, само една недела откако со помош на бела лента ги покри двете букви „о“ и наместо нив испиша „е“.

Фернандез се предал сам во придружба на адвокат, а бил повикан во полиција поради повреда на туѓ приватен имот, велат од полицијата.

Фернандез бил облечен во црно и бил снимен од безбедносните камери во областа, кога го сменил знакот изутрината на 1 јануари.

Фернандез е уметник кој признал дека е виновен за шегата во интервју за Vice и претходно, но полицијата не го потврди тоа. Во интервјуто рекол дека слушнал дека некој направил слична шега во 1970-тите, па сакал да ја повтори за да донесе „малку позитивност во светот“.

Уметникот ќе се брани на слобода, а судењето му е закажано за 15 февруари.

Дејвид Риу, градски советник задолжен за областа каде се наоѓа знакот, вели дека ваквите шеги се опасни бидејќи можат да предизвикаат слични инциденти и имитации, и можат да предизвикаат поголеми инциденти. Напоменува и дека „освен што знакот е интернационално признаена икона, лоциран е во огромен урбан парк близу до илјадници домови“.