Твитер воведува „прочитајте пред да ретвитате“ предупредување за сите корисници

Компанијата Твитер соопшти дека наскоро за сите корисници ќе воведе предупредување „прочитајте го текстот пред да го ретвитате“. Оваа новина почна да се тестира во јуни, а со неа луѓето кои сакале да ретвитаат одредена вест биле известувани дека всушност не кликнале на содржината и не ја прочитале.

„Насловите не ја кажуваат целата приказна“, стои во известувањето кое ќе го добиваат корисниците. „Можете да ја прочитате веста пред да ја ретвитате“, дополнително стои во предупредувањето.

Од Твитер велат дека нивната цел со оваа нова алатка е да помогнат во промоција на информирана дискусија.

Од компанијата додаваат дека охрабрувањето на луѓето да ја прочитаат веста која сакаат да ја споделат со другите е добар начин за промоција на медиумската писменост и се стави крај на реакциите кога без многу размислување луѓето ја прават одредена дезинформација вирална.

Од компанијата споделија неколку резултати од нивното тестирање. Дури 40% почесто луѓето кликале на вестите и содржините кога ќе го виделе предупредувањето, а дел од луѓето се откажале од ретвитањето на веста откако ја прочитале.

Решението на Твитер не е да се забранат ваквите ретвитови, туку ќе се обиде да ги натера некои корисници да размислуваат за своите постапки на социјалната мрежа. Тоа е пристап што компанијата неодамна го применува почесто, во обид да го подобри „здравјето на платформата“ без да се соочи со обвинувања за цензура.