Твитер тестира алатка која ќе овозможува корисниците да означуваат дезинформации

Твитер ги вклучува своите корисници во напорите да се спречат дезинформациите на платформата, овозможувајќи им да ставаат нивни белешки на лажните твитови и објавите кои содржат дезинформации.

Оваа пилот програма, која беше официјално објавена вчера, е наречена „Birdwatch“. Во неа, засега, ќе можат да учествуваат само селектирана група корисници од САД кои ќе мора да имаат потврден телефонски број, мејл адреса и кои немале прекршувања на правилата на социјалната мрежа.

Од компанијата соопштија дека сакаат и експерти, но и лаици да ги пишуваат ваквите „Birdwatch“ забелешки, повикувајќи се на Википедија, како интернет страница која успехот го должи на придонеси од луѓе кои не се експерти во одредени области.

„Во тестирањето на нашиот концепт забележавме голем број лица кои не се професионалци во одредена област кои пишуваат забелешки лесни за разбирање и кои се од голема помош, често цитирајќи важни експертски извори“, напишаа од Твитер на нивниот блог.

Твитер заедно со другите големи социјални медиуми се бори да најде соодветен начин како да се справат со дезинформациите на нивната платформа. И покрај засилената примена на нивните правила на употреба, лажни информации околу американските претседателски избори и коронавирусот и понатаму силно се шират на мрежата.

За да отстрани евентуални белешки кои нема да служат во нивните намери, или пак „тролања“ на услугата, Твитер планира да воведе „оценка на помош“ за секој корисник. Од компанијата сепак напоменаа дека новата пилот програма нема да ги замени другите означувања и проверки на факти кои во моментов ги користи платформата – примарно за дезинформации поврзани со Ковид-19 и изборите.

Програмата првично ќе почне со 1.000 корисници, а подоцна ќе се прошири и надвор од САД.