Твитер суспендираше 70.000 профили поврзани со „QAnon“ теориите на заговор

Социјалната мрежа Твитер соопшти дека суспендирале повеќе од 70.000 профили последниве неколку дена кои главно споделувале содржини поврзани со движењето „QAnon“ откако платформата продолжи со бришењето содржини по упадот на приврзаниците на Доналд Трамп во американскиот Конгрес.

„QAnon“ е популарна теорија на заговор која се прошири последниве години. Приврзаниците на ова движење веруваат во тврдења, кои немаат никаква основа, дека Трамп води војна против ланец на педофили меѓу кои се наоѓаат многу познати претставници на Демократската партија, луѓе од холивудската индустрија, како и таканаречената „длабока држава“ (deep state).

„Поради насилните настани во Вашингтон и зголемениот ризик за правење штета, почнавме трајно да суспендираме илјадници профили кои се главно посветени на споделување „QAnon“ содржини од петокот попладнето. Овие профили беа вклучени во масовно споделување штетни содржини поврзани со „QAnon“ и доминантно беа посветени во пропагирање на оваа теорија на заговор низ платформата“, споделија од Твитер во нивна објава вчера.

Твитер истовремено соопшти дека нивната акција може да предизвика некои профили да изгубат по илјадници следбеници на социјалната мрежа.

Вчера и Амазон најави дека ќе отстранува дел од „QAnon“ производите од нивната онлајн продавница наведувајќи дека причина за тоа се нивните правила кои забрануваат навредливи или несоодветни продукти.