„Твитер“ го отфрли барањето на Анкара за отворање претставништво во Турција

Претставниците на социјалната мрежа „Твитер“ денеска ги отфрлија барањата на турските власти за отворање на нејзино претставништво во Турција, истакнувајќи дека „инвестициската клима“ во земјата не е поволна за тоа, пренесува МИА.

„Твитер“ го отфрли барањето на Анкара за отворање претставништво во Турција

– Ние не прифативме да отвориме канцеларија во Турција. Која и да било компанија нема да оддели средства при инвестициска клима во која нејзината услуга е забранета, изјави потпретседателот на „Твитер“, Колин Кроуел.

– Ние ја проценуваме можноста за отворање претставништво во зависност од инвестициската клима. Дали ќе инвестираме тука, за да ја развиеме нашата дејност, е директно поврзано со безбедноста, што ја имаме или немаме, односно дали ќе можеме да обезбедиме континуитет на нашата услуга, рече Кроуел на крајот од тридневната посета на Турција.

За време на посетата, делегацијата на американската компанија се сретна со повеќе турски влијателни претставници.

Американските претставници го покренаа прашањето за тензиите, предизвикани од одлуката на турската Влада за забрана на пристапот до социјалната мрежа „Твитер“, преку која беа објавувани снимки од телефонски разговори кои поврзуваа претставници на власта со корупциски скандал.

Одлуката на турската Влада предизвика бран од критики во Турција и во странство против авторитарното владеење на премиерот Реџеп Тајип Ердоган. Две недели подоцна Анкара беше принудена да ја укине забраната за пристап до „Твитер“, по одлуката на Уставниот суд, кој утврди дека мерката го прекршува правото на слобода на изразување.