Турската полиција уапсила 50 лица и употребила солзавец на протест на мајки

Турската полиција притворила најмалку 50 лица во разбивањето на редовниот протест кој го одржуваат мајки кои се сеќаваат на нивните исчезнати роднини во 90-тите години.

ББЦ јавува дека безбедносните сили употребиле воден топ и солзавец. Меѓу притворените била и Емине Очак, долгогодишна активистка, чиј син исчезнал откако бил притворен во 1995 година. Очак, која е во 80-тите години, и другите притворени биле ослободени откако дале изјави во полициска станица.

Ова е 700-ти протест на организацијата „Саботни мајки“. Тие одржувале маршеви и протести во центарот на Истанбул уште од 1995 година за да го привлечат вниманието на јавноста за сите луѓе кои исчезнале за време на конфликтот меѓу Турција и курдските бунтовници.

Меѓу нивните барања се формирање независна комисија која би ги истражила случаите со оние кои се уште се водат за исчезнати.

Организациите за човекови права го осудија разбивањето на протестот.

„Ова е срамен, суров однос кон семејствата кои бараат правда за државните злостори“, изјавила Ема Синклер-Веб од Хјуманс Рајтс Воч.

Турските власти соопштија дека протестот оваа недела бил забранет бидејќи настанот бил објавуван на социјалните мрежи од профили поврзани со нелегалната Курдска работничка партија (ПКК).

ПКК во 1984 година покрена воена акција против турската власт со барање за независна држава на Курдите. Десетици илјади луѓе се убиени од почетокот на конфликтот. Турската власт ја смета ПКК за терористичка организација.