Главната опозициска партија во Турција се сомнева во легитимноста на тесниот резултат од вчерашниот референдум, во кој со 51% од гласовите претседателот Реџеп Таип Ердоган доби одобрување за уставните измени со кои ќе се прошират претседателските овластувања.
Републиканската Народна Партија (ЦХП) одбива да ја прифати победата на референдумот на владеачката партија и бара пребројување на 60% од гласовите, пренесува ББЦ. Тие наведуваат бројни нерегуларности во референдумскиот процес и ја критикуваат одлуката да се регистрираат гласачките ливчиња без печати како валидни, додека не се докаже спротивното.
Претседателот Ердоган, најавите за оспорување на референдумскиот исход од страна на опозицијата ги нарече „залудни“.
Трите најголеми турски градови – Истанбул, Анкара и Измир – гласаа „Не“ за уставните измени предложени од партијата на Ердоган.
Опозициските приврзаници, во серија на гласни протести, излегоа на улиците на Истанбул удирајќи со тави и тенџериња, што претставува традиционална форма на протест во земјата.
Истовремено, со развеани знамиња, поддржувачите на Ердоган го прославија успехот на референдумот, додека турскиот претседател ги поздрави и им честита за нивната „историска одлука“, која подразбира дека тој може да остане на претседателската функција до 2029 година.
Со пребројани 99,97% од гласовите, кампањата „Да“, според Државната изборна комисија, има освоено 51,41% од гласовите, додека за кампањата „Не“ се одлучиле 48,59% од граѓаните. Излезноста достигнала 85%.
Во инцидент кој се случил на вчерашното гласање, тројца луѓе загинале во престрелка во близина на гласачко место во југоисточната провинција Дијарбакир. Расправијата, наводно, била поради одлуката како да се гласа.
Во одговор на референдумот, Европската Комисија преку соопштение побара од Ердоган да го почитува тесниот резултат и да „бара најширок можен национален консензус“ кога се во прашање далекусежните последици од уставните измени.