Ердоган прогласи победа на референдумот

Неофицијалните резултати покажуваат дека на денешниот референдум за тоа дали турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган треба да добие поголеми овластувања, околу 1,3 милиони гласови биле во негова полза, рече Ердоган на прес-конференција.

Без да губи многу време, тој соопшти дека ќе дискутира за враќање на смртната казна со премиерот Бинали Јилдирим и лидерот на националистичката опозициска партија МХП. За ова, рече Ердергон, ќе свика и референдум ако треба.

Кратко пред да ја прогласи победата, илјадници луѓе се собраа за да прослават пред седиштето на партијата.
Со повеќе од 99 отсто од преброените гласачки ливчиња, побројни се гласовите кои му даваат поддршка на Ердоган, соопшти државната новинска агенција Анадолу.

Резултатите покажуваат дека 51,21 отсто од Турците гласале во корист на Ердоган, односно тој да добие поголема моќ, додека 48,79 отсто рекле „не“. Турската изборна комисија се уште не објави официјални резултати.

Премиерот Јилдирим излезе на сцената во седиштето на партијата на Ердоган во Анкара и прогласи победа на граѓаните кои гласале со „да“. Тој рече дека оние кои гласаа со „да“ и оние кои гласале против, остануваат едно и дека земјата ќе се обиде да ја подобри економијата, да го забрза развојот и борбата против домашни и странски непријатели.

„Никој не треба да биде навреден или да е со скршено срце”, рече премиерот. „Не постои запирање. Ние ќе продолжиме по нашиот пат. Ние ќе продолжиме да маршираме од таму каде што застанавме“.

Во текот на референдумот, две лица ги загубија животите во тепачка што изби пред избирачко место во југоисточната провинција Дијарбакир, поради различни политички ставови.

По денешниот референдум, Ердоган ќе има овластување да назначува министри, а целата бирократија ќе биде централизирана во неговата претседателска палата. Toj може да остане на власт до 2029, наместо до 2024 година.

Откако служеше како премиер повеќе од една деценија, Ердоган стана претседател во 2014 година.

Тој иницираше распространето казнување на опозицијата, што се интензивираше по минатогодишниот неуспешен државен удар, за кој тој го обвини свештеникот Фетулах Ѓулен.

Апсењето на 47.155 критичари на власта, академици, новинари, воени функционери и државни службеници предизвика силна меѓународна осуда и затегнати односи на Турција со Европската унија.