Турлитава – Заедно е послатко, вечерва во Паркот на Франкофонија

„Турлитава- заедно е послатко“ е настан кој ќе се одржи вечерва во Паркот на Франкофонија со цел да се одбележи 22 јули, денот посветен на жртвите на дела од омраза,  акција на Советот на Европа.

Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.

„Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно“, посочуваат организаторите на настанот.

Во рамки на настанот ќе бидат прикажани и филмовите Ќор-сокак на Брам Шоу и Опасни игри на Марина Абрамовиќ. Присутните во Мобилната/монтажна галерија ќе можат да вкусат различни традиционални кујни и заедно да го потенцираат прифаќањето, признавањето и споделувањето.  Настанот го организираат Хелсиншки комитет за човекови права на РМ и ЛГБТИ Центар, со поддршка на ,,Цивил‘‘ и ,,Амбрела‘‘.