Европскиот суд за човекови права денеска оцени дека пресудата која турскиот суд му ја изрече на британски уметник поради критички колаж со ликот на тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган, претставува кршење на слободата на изразување, пренесува „Данас“.
За време на мировна демонстрација во Истанбул во 2006 година, британскиот уметник Мајкл Дикинсон направи колаж на кој главата на премиерот Ердоган беше претставена на тело од куче, додека поводникот беше обоен со боите на американското знаме, критикувајќи ја на тој начин политичката поддршка на Турција за окупацијата на Ирак.
Турските власти тогаш покренаа обвиненија против организаторите на демонстрациите. Дикинсон потоа, на судењето повторно го изложи колажот.
Потоа, тој беше обвинет и за навреда на премиерот и помина три дена во истражен затвор, за во 2010 година да биде осуден на парична казна од 3.000 евра.
Турското судство оцени дека делото на уметникот го понижува и навредува премиерот, како и дека му штети на неговиот углед. Сепак, пресудата беше укината во 2015 година.
Во меѓувреме, уметникот се обрати до судот во Стразбург, а седум судии денеска оценија дека пресудата од 2010 година претставува повреда на слободата на изразување, што е гарантирано со членот 10 од Европската конвенција за човекови права.
Судиите исто така забележаа дека делата на Дикинсон претставуваат „политичка критика која е дел од дебатата од општ интерес“ и дека неговата осуда може да има „разубедувачки ефект врз неговото изјаснување за прашањата од јавен интерес“.
Судот затоа и наложи на Турција да му исплати на уметникот 2.000 евра за „морална штета“.