„Цимерите користат дрога, а јас сум чист“ – искуства на еден студент

На интернет страницата на весникот Guardian, студентите имаат посебна рубрика во која пишуваат блог-постови за нивните интереси, размислувања и проблеми. „Училиштето не ме подготви за реалноста на животот со дрогата, ниту ме научи како да му помогнам на предозираниот цимер“, пишува анонимен студент од британскиот град Лидс.

„Цимерите користат дрога, а јас сум чист“ - искуства на еден британски студент

Втора година сум на факултет, не користам дрога и се мачам да живеам со луѓе што користат. 85 проценти од студентите во Лидс пробале некоја илегална супстанца. Некои од моите цимери користат спид или кокаин секој ден.

Како многу млади луѓе, имам научено работи за дрогите кое не ми помагаат. Моите наставници бескрајно ги повторуваа хорор-приказните и некои ми се врежаа – сигурен сум дека сте слушнале за човекот кој мислел дека рацете му се банани и почнал да ги лупи.

Но, како е вистински да бидеш на сериозни дроги и како е да живееш со луѓе кои се редовни корисници, беше нешто со што не сум се сретнал порано. Се додека не дојдов на факултет, не знаев што вистински прават дрогите.

Го поминав летото грижејќи се за преселбата во нова куќа и избрзав со одлуката да живеам со нови луѓе. Кога дознав дека користат дрога, се преплашив. Бев шокиран од количината на дрога што ја земаат супкултурите на кои цимерите ме изложуваа.

Поминаа десет недели од семестарот и можам да кажам дека беше тешко. Притисокот од групата беше посебно тежок. Една вечер, сите ме опкружија и почнаа да ми ставаат клучеви во носот. Кога се свртев настрана, еден од нив извика: „Нема биквално ниедна причина да не пробаш!“. Се чувствувам отуѓен – како единствениот трезен во соба полна пијани луѓе. Откако цимерите почнаа да земаат дрога за да им помогне во учењето, морам постојано да смислувам причини со кои ги одбивам. Се однесуваат како да знаат што зборуваат, а јас немам „муниција“. Не знам доволно за дрогите и нивните ефекти за да формирам солиден аргумент. Згрозувачките приказни за рацете-банани не поминуваат.

Имаше некои застрашувачки моменти. Минатата недела еден  од момците падна во ходникот и ме стави во ужасно тешка ситуација – да одлучам дали да повикам некого или не. На крајот, одлучив да не се јавам – тој промрмори дека е добро, а јас не сакав да налутам некој со кого се обидувам да станам пријател. Тепихот се уште „корне“ од повраќаници, предизвикани од рандом таблети. Беше вистински кошмар да се концентрираш на есејот за антиреализмот, покрај смрдеата од ходникот.

Не можам да порекнам дека овие моменти беа ужасни – тие ме натераа да помислам да се спакувам и да си одам. Но, не беше секогаш толку лошо. Минатиот месец еден од цимерите беше на спид и ми го исчисти тоалетот. Посакувам да го исчистеше тепихот првиот пат, но тој нема лоша намера. И покрај драмата, моите цимери се фини луѓе.

кликнете на сликата за поголема верзија

Дојдов во Лидс мислејќи дека шемата „Кажи не за дрогата“ ќе биде доволна. Но, овој догматски приод не функционира кај секого. Моите цимери велат дека секако би земале дрога, без оглед што им кажале на училиште.

Според едно истражување, 60% од британските студенти добиваат помалку од еден час образование за дрогата годишно. На училиште ве учат дека корисниците на дрога се свртуваат кон живот во криминал и дека тоа не може да се избегне. Но, моите цимери се нормални луѓе кои сакаат да работат како правници и ПР-менаџери.

Би се чувствувал побезбедно ако во школо ме научеа на практично однесување, а не застарена социологија во која сите корисници стануваат закоравени криминалци. Би требало да знам што да правам кога цимерот ќе колабира.

Студентите како мене се соочуваат со предизвик. Не мораме да го менуваме нашето однесуваее кон дрогата, но треба да ги избегнуваме плитките размислувања за неа. Луѓе кои се на дроги ме убедија во тоа.

Извор: The Guardian