Tricky Three – ново издание на македонскиот електронски проект Tripnotic

Македонскиот електронски проект Tripnotic, зад кој стои продуцентот и диџеј Емил Хаџи-Панзов, по подолго време објави издание со нова музика.

Tripnotic_TrickyThree

Станува збор за EP-то Tricky Three, кое е своевидна разработка на идеите употебени во неговиот ремикс на синглот Hell Of A Road на Кирил Џајковски. Насловната песна е необичен спој на брејкбит естетика со моќен електро ритам, очекувано зачинет со glitch интервенции. Покрај оригиналот и радиската верзија на песната, изданието содржи уште три ремикси на Tricky Three.

Првиот од нив е потпишан од еден од највозбудливите брејкбит продуценти во моментов, новата американска ѕвезда Josh Chambers. Тој го задржал клупскиот потенцијал на оригиналот и го надградил до совршен Мајами брејкс хит. Џајковски е следен на листата ремиксери на Tricky Three, а за оваа прилика одлучил да ја напушти сопствената „сигурна зона“ и ја однел песната во правец што е многу поблизок до звукот на The Prodigy, отколку до Balkan Beat жанрот што веројатно би го очекувале од него. Неговиот ремикс комбинира жестока бас линија, реге влијанија и фуриозни перкусии. Но изненадувањата не завршуваат тука.

Третиот и последен ремикс на изданието го потпишуваат бристолските брејкбит ветерани Ways & Means, трио составено од фронтменот на Kosheen, Darren Beale, Kristian ‘Alpha Proxima’ Townsend и Gary Eccles. Нивниот пристап бил комплетно да ја испревртат песната и да ја стават во “glitch-hop” контекст, жанр што во моментов е особено популарен во Велика Британија.