Трибина на „Арсена“: Расте бројот на пациенти со малигни заболувања во Гевгелија

Со цел граѓаните да се запознаат со последиците по здравјето од подолгорочното внесување на отровниот металот арсен кој се наоѓа во водата од гевгелискиот водовод  иницијативата „Арсена“ во соработка со Фондацијата „Срце од срце“ организираше едукативна трибина посветена на малигните заболувања. Гостин на трибината со свое стручно предавање беше Проф. д-р  која

Професорката Мери Пешевска од Институтот за онкологија при Клиничкиот Центар во Скопје посебно се осврна на раното откривање и третманот на ракот на дојката и посочи дека само рано откриен рак успешно се лекува. Во дискусијата неизбежно стана збор за гевгелиската вода која во себе го содржи арсен – елемент познат во науката како силен и сигурно смртоносен отров. Колку користењето на ваквата вода, загадена со арсен која ја добиваат гевгеличани од градскиот водовод влијае врз појавата на овој вид карцином, беше прашањето од присутните.

„Апсолутно, арсенот е токсичен и влијае врз сите видови карциноми и на рак на дојка, и на белите дробови, и на ракот на дебелото црево и на сите органи. Затоа е најдобро таквата вода да не ја конзумирате. Да се изборите да биде прочистена“, одговори професорката Пешевска на прашањето за присуството на арсенот со концентрација над 50% од дозволените стандарди на Светската здравствена организација.

Јованка Дојранлиева од „Арсена“ ги презентираше растечките бројки на заболени лица во општина Гевгелија од сите видови неоплазми, но и растечката смртност на заболените од карцином која од некогашните 13%  пораснале на 20% во 2010/2011 и упати прашање до професорката каква е сегашната здравствена слика на гевгеличани по однос на малигните заболувања.

„Јас во мојата област – рак на дојка, апсолутно имам зголемен број на пациенти со рак на дојка. Значи, не само со рак на дојка, и во другите локализации, бројот на пациенти со малигни заболувања од општина Гевгелија е зголемен, во последните неколку години. И, тоа исклучиво доста помлади жени, помлади пациентки. Некои од нив имам и тука присутни. Меѓутоа, бројот на малигните заболувања од општината се зголемува. Апсолутно се зголемува“, истакна професорката.

Докторот во пензија Панде Кацарски во својата дискусија на трибината повтори дека мора да престане труењето на населението со арсен.

„Арсенот е убиец. Не убива сите. Познат отров во историјата, но денес дозволуваме да не трујат за наши пари. Ние ја плаќаме водата, забранета вода со решение од Агенција за храна и ветеринарство. Забранета е за конзумирање. Можеш да купиш само два литра вода колку што се дневните потреби, ама не и секој ден. Арсенот е убиец и сите надлежни што не превземат мерки да го решат прашањето се учесници во убиството наше. Не’ убиваат постепено,“истакна Кацарски.

Присутните на трибината предложија сет мерки за справување на проблемот со небезбедната вода за пиење во Гевгелија. Тие бараат на секоја сметка за вода да биде отпечатена пораката дали „Водата е за консумирање“, или „Водата Не е за консумирање“ и колку микрограми арсен содржи во себе. Јавно ги повикаа надлежните да одговорат каква вода пие Гевгелија, но и да ја прифатат иницијативите на „АРСЕНА“ доставена до Советот на општината за намалување на цената на водата на ниво на техничка вода која граѓаните смеат да ја користат само за хигиенски потреби и иницијативата за отворање специјални продавници за набавка на пакувана вода по субвенционирана цена.